Кинескиот претседател и стапицата на Тукидит

Неодамнешната средба меѓу Си Дзинпин и Доналд Трамп во Пекинг привлече големо внимание, особено поради затегнатите односи меѓу двете земји. Многумина очекуваа двајцата лидери да разговараат за актуелните кризи – војната на Блискиот Исток, тензиите околу Тајван и економското ривалство меѓу двете држави. Но кинескиот претседател, наместо директно да зборува само за современите конфликти, направи неочекувана историска споредба со античка Грција и Пелопонеската војна.

Во своето обраќање, на неодамнешната средба со својот американски колега Трамп, кинескиот лидер ја спомна таканаречениот „Тукидитова стапица“ – поим што често се користи во меѓународната политика. Тој е популаризиран од американскиот политолог Греам Алисон, кој преку него опишува тенденција кон започнување војна кога сила во подем се заканува да замени постоечка голема сила или меѓународен хегемон. Си Дзинпин прашал дали Кина и САД можат да ја избегнат оваа „стапица“ и да создадат нов модел на односи меѓу големите сили.

Терминот всушност потекнува од античкиот историчар Тукидид, кој ја опишал Пелопонеската војна меѓу Атина и Спарта во 5 век пред нашата ера. Според него, причината за војната била подемот на моќта на Атина и стравот што тоа го предизвикало кај Спарта, која дотогаш била доминантна сила. 

Денес многу аналитичари ја споредуваат таа ситуација со односите меѓу Кина и САД. Кина во последните децении брзо економски и воено зајакна, додека САД и понатаму се водечка светска сила. Поради тоа постои страв дека ривалството меѓу нив може да доведе до сериозен конфликт.

Толкувањето е дека Си Дзинпин го спомнал овој концепт токму за време на посетата на Трамп за да испрати порака дека Кина не сака неизбежна конфронтација, но и дека прашања како Тајван можат да станат многу опасни ако не се решаваат внимателно. Тој со тоа наводно предупредил дека погрешни потези околу Тајван би можеле да доведат до директен судир меѓу двете држави. Тајван е самоуправуван остров што Кина го смета за дел од својата територија, додека САД долго време му даваат политичка и воена поддршка. Затоа ова прашање е една од најчувствителните точки во односите меѓу Вашингтон и Пекинг.

Сепак, подоцна, на државната вечера, Си користел помирлив тон. Тој рекол дека „големото обновување на кинеската нација“ и идејата Америка повторно да биде „голема“ не мора да се спротивставени цели и дека двете земји можат заедно да придонесат за светската стабилност.

Со спомнувањето на Тукидид и античка Грција, средбата доби пошироко историско значење. Наместо обична дипломатска посета, таа стана симбол на прашањето што денес го поставуваат многумина: дали светот ќе успее да избегне нов голем конфликт меѓу старата и новата суперсила или историјата ќе се повтори.

16 мај 2026 - 17:33