Пред точно четири години, во ноември 2020, со возбуда ја гледавме секоја нова епизода од „Дамски гамбит“ со „чпртоносестата“ Ања Тејлор-Џој, а пишувавме и за интересните биографски детали од животот на авторот на романот по кој е правена серијата. Таа покажа дека шахот, инаку крајно апстрактна игра, може да биде пренесена на екран, така како да станува збор за кој знае каков динамичен спорт во кој се брои секој поен.
Четири години подоцна се појавува „Реванш“, режирана од Канаѓанецот Јан Ингланд кој се потпишува и како ко-сценарист, а во продукција на францускиот АРТЕ (достапна на ХБО и Дизни+). Проектот е сепак постар од „Дамскиот гамбит“ бидејќи е развиван седум години, што и не е чудно имајќи ги предвид техничките аспекти, и во поглед на шахот и во поглед на компјутерскиот дел. Серијата, имено, го опишува пресвртниот момент од 1997, кога прв пат светскиот шампион во шах загуби меч од компјутер односно од машина.
Зошто серијата се вика „Реванш“ а не „Меч“? Во 1989 програмата што подоцна ќе биде позната како „Дип Блу“ се викала „Длабока мисла“ - референца на фиктивниот компјутер во „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ (оној со „42“). Toj прв меч против неа Каспаров го добива со 2:0. Во 1996, сега со машина позната како Дип Блу, Каспаров добива уште еден меч, овој пат со 4:2.
Но реваншот помеѓу двајцата од 1997 останува во аналите на шаховската и светската историја, особено шестата игра после резултат 2.5:2.5. Гари отвoра неочекувано, со потез на кој машината не можела да биде тренирана, затоа што тогаш го немало во ниту еден познат прирачник или регистриран потег на првенства, па оттаму и не би го знаела најдобриот начин како да реагира. Сепак, таа (и да, и на англиски на Дип Блу се реферира со she) победува по само 19 потега и 45 минути игра. Тоа е прв пат актуелен светски шампион да биде победен од компјутер во официјален турнир.
(документарни снимки)
Всушност, токму ова е единствениот стабилен столб врз којшто се држи серијата - ставањето на овој реванш во контекст на актуелниот прогрес на вештачката интелигенција и неговото прикажување како еден од првите сигнали дека човекот наскоро ќе почне да ја губи трката со машините. Клучна сцена за ваквото толкување е кога публиката во живо во њујоршкиот Eквитабл центар, каде се одвивал мечот, во последната игра со „бууу!“ го дочекува креаторот на Дип Блу (во серијата означен со прекарот Пи-си бидејќи неговото кинеско име е комплицирано), а со силен стоечки аплауз и поддршка Човекот, односно Каспаров.
Другите „столбови“ се нишаат, особено оние поврзани со приватниот живот на славниот шахист - неговиот однос со поранешната жена и ќерката, параноидните идеи дека е постојано следен (а не дека не бил) и разговорите помеѓу тимот на Ај-би-ем за вештачка интелигенција кои тешко дека би можеле да се водат на таков начин во 1997, кога таа функционирала по принципот на „брут форс“ - чиста пресметковна сила со милиони комбинации во секунда, а не како невронска мрежа која учи и се надградува. Всушност, целиот процес на донесување одлуки на машината во серијата (а и во дискусиите кои се одвивале со години по реваншот) е доведен во прашање, имплицирајќи дека таа не ги носела „автономно“ туку дека некаде зад сцената (не фигуративно туку многу буквално) седеле експерти кои се замешувале во потезите.
Во реалноста логовите на Дип Блу не се независно верифицирани со апсолутна сигурност. Генералниот консензус на шаховската јавност е дека победата на машината била легитимна. За поголеми шаховски познавачи и ентузијасти од нас, еве една од интересните дискусии на Quora форум на оваа тема.
Факт е дека од Ај-би-ем по овие мечеви не реагирале веднаш во поглед на транспарентност. Акциите им скокнале до небеса, чекале да се слегне прашината и ТРИ ГОДИНИ подоцна ги објавиле логовите. Исто така, го расформирале компјутерот, а делови од него денес има во неколку музејски и научни институции. Сепак, ако тогаш имало сомнеж и потреба за докажување, денес нема - секој врвен шахист со сигурност би загубил ваков меч од ВИ.
Илина, Букбокс