Популарноста на серијата „Дамски гамбит“ е по малку изненадувачка со оглед на тоа што во поголемиот дел од неа луѓето просто играат шах. Но одличниот дизајн, атрактивноста на главниот лик и постојаната тензија го држат вниманието на гледачите. Повеќето од нив се разочарани кога ќе дознаат дека не станува збор за вистинска приказна, туку за фикција смислена од американскиот писател Волтер Тевис. Тој иако бил успешен во раните 1960-ти, во еден момент исчезнал, за да се појави во јавниот живот дури по 17 години.
Тевис е роден во Сан Франциско во 1928, а научил да игра шах на 7-годишна возраст. Кога наполнил 9 му дијагностицирале срцева маана како последица на ревматска треска, како и Сидеманова хореја, која се карактеризира со абнормални неволеви движења, кои наликуваат на танц (најчесто на екстремитетите). Поради ова бил сместен во дом за лица со посебни потреби, а додека бил таму родителите го напуштиле и се преселиле во друг град.
Оттаму, фактот што Бет Хармон (главниот лик во книгата) е сираче, го отсликува тешкото детство на авторот. Таа расте во сиропиталиште каде на 8-годишна возраст учи шах од домаќинот. Се навлекува на лекови за смирување кои им се даваат на сите деца за да бидат смирени и полесни за контролирање. И младиот Тевис бил дрогиран во домот каде што бил сместен, три пати дневно, со фенобарбитол, нешто со што подоцна го објаснувал и својот алкохолизам.
Но за разлика од Бет првата игра која него го вовлекла бил билијардот. На 17 се пријавил во морнарица, каде продолжил да игра билијард, но почнал и да се коцка, истовремено набљудувајќи ја целата таа супкултура околу него, нешто што сакал да го искористи за својата проза. Почнал да зема часови по пишување од добитникот на Пулицер А. Б. Гатри помладиот, и како задача напишал есеј токму за салите за билијард, која била продадена на Есквајр за 350 долари. Предавал англиски и продолжил да продава текстови на Космополитан, Плејбој и други списанија. Самиот вели дека во тој период немал ни карактер ни дисциплина да напише „сериозно дело“.
Сепак, неговиот агент го убедил дека треба да го прошири оној првообјавен текст за билијардот, што резултирало со романот This Lovely Green (Ова прекрасно зеленило - се мисли на зелената чоја на билијардската маса). Но со оглед на можноста поради „зеленото“ книгата да биде протолкувана како нешто поврзано со градинарство тие ја преименувале во The Hustler. Пофалби почнале да пристигнуваат од сите страни, бил споредуван со Хемингвеј, а биле откупени и правата за филм кој подоцна снимен со Пол Њумен.
Тевис ги земал парите и заминал во Мексико за да пишува, но кога сфатил дека таму џинот е 80 центи за литар не излегол од кафана осум месеци. Не напишал нова книга речиси две децении. Но додека пиел, играл шах. Ги проучувал отварањата, и ги читал истите книги кои ги чита Бет Хармон во филмот. Во 1974 едно списание го испратило да го покрива Националниот шампионат, но тој всушност не само што пишувал туку и играл. И ја губел секоја партија. По два дена од шампионатот имал загубено не само партии туку и 50 долари. Бил победен од дете од Калифорнија, блекџек дилер од хотелот (кој бил рангиран како 1580-ти) и убава девојка која го натерала да ја предаде партијата по 11-тиот потег. 50-те долари додуша ги загубил на рулет.
Но неколку години подоцна тој веќе бил трезен, разведен и си го подобрил рангирањето во шах. Преживеал и два обиди за самоубиство. Напишал научно-фантастичен роман за своите искуства под наслов Mockingbird. Три години подоцна излегува „Дамскиот гамбит“. За него ова не било книга (само) за шах, туку повеќе за осаменици кои се високо интелигентни но социјално неприлагодени. „Сакам да пишувам за отуѓувањето“, изјавил тој. Сепак и шахот во него е релевантен, иако во книгата не се сите потези прецизно наведени (барем не толку детално колку во серијата).
Денес, 34 години по смртта на Тевис, приказната е конечно филмувана и пристапна на поголем број луѓе. Некои од нив можеби ќе се мотивираат и да заиграат шах.
Види претходно: Колку е реален шахот во „Дамски гамбит“?