Покривајќи го историски битниот случај за цензура во Врховниот суд (Murthy v. Missouri), CNN порача дека овде не се работи само за онлајн говор туку за работи кои се „живот или смрт.“
Кон слична драматика прибегна и Џо Бајден кога во 2001 година кажа дека интернет компаниите „убиваат луѓе“ кога одбиваат да отстрануваат содржини кои Белата куќа ги оценила како проблематични. А Белата куќа направи огромни проблеми во пандемијата пумпајќи ја до небо заканата од болеста или ефикасноста на вакцините. Но, таа форма на „дезинформации“ никогаш не дојде до суд.
Случајот со доктор Џеј Батачарја од Стенфорд (еден од тужителите во Марти против Мисури) е индикативен пример дека се работи за слобода на говорот, без оние драматични шашми за „живот или смрт“.
Тој беше ставен на „црната листа на трендови“ на Твитер, не поради пренесување дезинформации. Тој не објавуваше ни говор на омраза, не упатуваше закани, не разгоруваше. Не се обидуваше да „влијае на изборите“. Тој само спроведе истражување кое ги корегираше официјалните дезинформации.
Притоа откри две клучни информации. Првата беше дека стапката на смртност од ковид е приближно 0,15%. Тоа ја прави болеста околу 22 пати помалку смртоносна од застрашувачките 3,4% објавени од СЗО на почетокот на март 2020 година.
Во тоа време, Фаучи предупредуваше за „многу, многу милиони“ мртви доколку не се преземат екстремни мерки. Тој ја дезинформираше јавноста, а веќе имаше пристап до доволно податоци за да знае дека го прави тоа.
Ви текнува на оној брод за крстарење Дајмонд Принсес кој никој не го примаше заради зараза во бродот? Од повеќе од 3.500 луѓе на бродот, 712 се разболеа, а од нив 11 починаа. Тоа е стапка на смртност од инфекција од 0,154%, отприлика колку што велеа резултатите на Батачарја. На крај и СЗО и државни служби ќе ја признаат истата помала стапка на смртност, но дури откако ја создадоа паниката.
Во меѓувреме, секој што ќе се посомневаше во официјалните 3,4% беше безмалку јавно линчуван, особено што и Доналд Трамп се посомнева во таа проценка.
„Процентот е 3,4 и ниедно претчувство на Трамп не може тоа да го смени!“ вревеше Брајан Стелтер од CNN.
Второто важно откритие на Батачарја беше дека стапката на инфекција е „50-85 пати поголема“ од официјалните проценки, што значеше дека болеста е толку заразна што интервенциите во форма на карантин се залудни. Повторно, овие бројки беа закопувани на социјалните медиуми.
„И јас бев меѓу оние кои не ги видоа истражувањата на Батачарја и слични и немав претстава за политичката позадина на нивното буткање под тепих. Тоа ми стана јасно дури откако почнав да ги прегледувам документите од „Твитер фајловите“, признава Мат Таиби.
Владините функционери како Фаучи не само што ги пумпаа стапките на смртност од ковид, туку ги занемаруваа огромните разлики специфични за возраста. За младите и здрави луѓе, ризикот од смрт од ковид беше толку мал што дури и најмалиот ризик од несакано дејство на вакцината, го правеше боцкањето лош комар.
„Првиот амандман постои токму за да ја спречи владата да наметне единствен наратив на јавниот дискурс, дури и ако верува дека тоа го прави за доброто на јавноста. Владата често греши, понекогаш случајно, понекогаш поради неспособност, а понекогаш од толку корумпирани причини што ве тера да им се пуштите со цистерна говнаруша“, пишува Таиби потсетувајќи дека лажеа за Ирак, за оружјето за масовно уништување, за договорот од Рамбује...
Граѓаните, а не владата треба да бидат вистинската линија на одбрана од дезинформации. Но, се чини дека ФБИ и другите агенции и натаму ќе бидат главни. „Можеби треба да паднеме уште пониско за поголемиот дел од луѓето да сфатат што всушност се случува“, пишува тој.