На континентот полн со штурци, Финска е мравката

После Втората светска војна, скандинавските земји со децении педантно трупаа резерви на медицинска опрема, гориво, храна и воена опрема за во случај на кризни времиња. По завршувањето на Студената војна, проценувајќи дека главната гео-стратешка опасност поминала, Норвешка, Шведска и Данска престанаа да го прават тоа.  Не и Финска. 

Финска е последната европска држава која се раководи по геслото на Тито „да се за живее како 100 години да ќе биде мир а да се биде подготвен како веќе утре да ќе има војна“.

Војна нема, но има пандемија и глобален производно-трговски хаос во кој и најмоќните држави не можат да ги обезбедат основните потреби како што се маски, ракавици и друга медицинска опрема. Некогаш се грабаат за дефицитарната стока на најприземен начин: официјални француски лица деновиве се пожалија дека во последен момент биле наддавани од американски купувачи за еден голем контингент маски од Кина.

Истовремено, Финска лежи на завидна количина кризни резерви. Иако со години наназад е рангирана во самиот врв на најсреќни земји во светот, нејзината локација и историските лекции ја имаат научено нацијата од 5,5 милиони луѓе да бидат подготвени за најлошото. 

„Во ДНК на финскиот народ е да биде подготвен,“ вели Томи Лунема, првиот човек на националните резерви, првенствено мислејќи на блискоста со Русија со која имаат трауматични историски односи (кои се потрауматични за Русите, следи го линкот на крајот на статијата).

Финските резерви за недајбоже не се состојат само од медицинска опрема туку и од огромни количини житарки, гориво, земјоделски алатки и суровини за правење муниција. Сето тоа е стратешки дисперзирано во скривници и магацини низ целата земја во еден интегриран систем кој е поставен и беспрекорно одржуван уште од 50-тите години на минатиот век.

Занимливо е како Шведска се опушти во овој поглед. Првенствено заради промената на размислувањето по крајот на Студената војна.

„Дојде време на вечен мир,“ своевремено ќе каже нивниот прв човек на резервите кои последниве три децении постепено се тенчеа бидејќи државата реши дека е попаметно да ги продава.

Втората причина е во влегувањето во ЕУ и навикнувањето на европскиот ритам на набавки и вербата дека на слободниот пазар сè може да се набави и стигне за пар дена. Конечно, приватизацијата на фармацевтскиот монопол во 2009 година дополнително ја зголеми шведската ранливост: сè дотогаш, државната фармација се грижеше за количините потребни средства во време на криза. После приватизацијата, не беше предвидена ни агенција која би се занимавала со тие прашања.

линкот

8 април 2020 - 20:03