Букбокс гледанка: „Белиот лотос“ (три сезони, ХБО)

Во изминатите три сезони наградуваната серија се претвори во едно од најсуптилните и најостри телевизиски огледала на современиот свет. Иако секоја сезона носи нова локација, ликови и заплети, суштината останува иста: во луксузните простори на туристичките раеви се разоткриваат лицемерието, жедта за моќ и духовната празнина.

Требаше да се случи фијаско на „Белиот лотус“ на овогодинешното доделување на наградите Еми, кадешто серијата беше номинирана во дури 23 категории а не победи во ниту една, како и (сепак) да биде најавена нова, четврта сезона која најверојатно ќе се снима во Франција, за истата конечно да нè врзе за столче и да ја изгледаме. Она што на почетокот на првата сезона делува како сатира која скокотка како паунов пердув, во текот на одличната втора почнува да боде како шило за мраз, за во третата дефинитивно да ја покаже својата токсична димензија. Прашањето во секоја е - не дали, туку кој ќе се врати од егзотична туристичка дестинација во црна ќеса, а кој ќе преживее, иако со трауматични искуства кои ќе го демнат како наследени гревови во следната сезона. 

Сместена на Хаваи, првата сезона отвора со јасна критика на колонијализмот и класната ароганција. Богатите туристи, кои доаѓаат во „рајот“ за да најдат мир, несвесно ја одржуваат истата неправда што ја уништува локалната култура. Либералниот говор на емпатија и еднаквост се покажува како маска, зад која стои длабоко чувство на супериорност. Покрај базенот со коктелче во рака се читаат Ниче и Фројд, додека помеѓу гостите се плетат мрежи на манипулации, а семејниот одмор се претвора во поле за емоционални пресметки помеѓу членовите. 

Преместувањето во Сицилија во втората сезона ја менува перспективата. Тука фокусот е на интимните односи: бракови што се распаѓаат, нарцисоидност, неверство, тестирање на границите на довербата. Ако првата сезона ја осветлува надворешната неправда, втората нурка навнатре – во сопствените пориви, и во начинот на кој луѓето се мамат себеси во име на задоволството.

Тајландската, трета сезона го менува тонот кон посериозен и духовен. Богатите западни гости доаѓаат на „егзотичниот Исток“ барајќи смисла, автентичност и внатрешен мир. Но наместо вистинска духовност, тие најчесто консумираат површни ритуали – купување искуства што треба да им дадат чувство на возвишеност. Она што изгледа како потрага по просветлување, завршува во повторување на истиот циклус на алчност и лицемерие. Хинтовите на инцест, генерална испразност и една цела лепеза убиства ја прават оваа сезона најмрачна и најрефлексивна.

Она поради што „Белиот лотос“ е уникатна е начинот на кој секоја сезона го менува балансот меѓу жанровите. Првата е сатирична и комична, втората е интимна и еротска, а третата трагична и духовна. Но сите заедно создаваат мозаик на современата елита: луѓе кои имаат сè, а сепак не знаат што навистина сакаат. На крајот, секој лик е на некој начин жртва – на сопствените илузии, на системот во кој учествува, или на судбината што ја диктираат привилегиите. Притоа, генијални во своите улоги се Мареј Бартлет како менаџер на хотелот во првата сезона, за што доби Еми во 2021; Џенифер Кулиџ која се појавува во две сезони и заслужено преку серијата си ја обнови славата; многу зборената Сидни Свини („онаа со фармерките“), каприциозната ќерка на богато семејство; Ф. Мареј Абрахам (Салиери од „Амадеус“) и Мајкл Империоли (од „Сопранови“) кои се прекрасен тандем во втората сезона; а во третата се појавува Патрик Шварценегер, синот на Арнолд. 

Едвај чекаме четврта.

Илина, Букбокс

20 септември 2025 - 08:38