
Републиканското мнозинство во Претставничкиот дом на Тексас ги одобри контроверзните прекроени изборни мапи, што би требало да им даде предност од пет места на изборите за конгресмени на САД во ноември 2026 година.
Партиското манипулирање со изборните единици е сосема легално. Се прави вообичаено на округлите години што завршуваат на нула, а поретко на средината на деценијата, за да се прилагоди на демографските промени и да се обезбеди еднаква застапеност на заедниците.
Тексас спроведе џеримандеринг по инсистирање на претседателот Доналд Трамп, на кого му е важно републиканците да постигнат успех на првата голема проверка на волјата на гласачите откако се врати во Белата куќа.
Без шанси да ги надгласаат противниците, демократите применија соодветно безобразна тактика да го блокираат гласањето. Државните пратеници едноставно избегаа од Тексас, за да нема кворум на седницата за прекројување на границите. Гувернерот Грег Ебот побара од другите сојузни држави да ги приведат бегалците и нареди 24-часовна присмотра на нивните домови. По две недели демократските пратеници конечно се вратија во Остин и гласаа. Новите мапи беа усвоени со 88-52 гласови, строго по партиските линии.
Демократите објавија дека нивното „јуначко бегство“ го постигнало посакуваниот ефект, зашто го привлекло вниманието од јавноста и ги поттикнало другите сојузни држави да спроведат контра џеримандеринг. Властите на Калифорнија објави дека чекаат да заврши процесот во Тексас за да ги прекројат своите изборни единици на начин демократите да добијат плус пет места во Конгресот на САД.
Ова е нова енергија низ целата земја. Ние против оган ќе се бориме со оган, изјави демократскиот гувернер Гевин Њусом.
Калифорнија се разликува од Тексас со тоа што изборните мапи таму ги црта вонпартиска комисија. Гувернерот има право да наметне свое решение.
Демократскиот конгресмен Крис Тарнер го осуди целиот процес како легална кражба на волјата на граѓаните.
Во демократијата, луѓето ги избираат своите претставници. Овој закон го превртува тоа наопаку и им дозволува на политичарите во Вашингтон да ги изберат своите гласачи, изјави Тарнер.
Партијата на актуелниот претседател вообичаено губи места на среднорочните избори. Трамп не може да ризикува да остане без поддршка од Претставничкиот дом, кој Републиканската партија сега го контролира со мнозинство од само три гласа. Освен од Тексас, претседателот побара и од другите традиционално силни сојузни држави, како Индијана и Мисури, да се обидат да создадат нови места за републиканците.
Демократите најавија дека ќе возвратат со џеримандеринг во Мериленд. Во Њујорк ќе им биде потешко, зашто таа сојузна држава не може да ги прекрои своите единици до 2028 година, а и тогаш ѝ е потребно одобрение од гласачите.