Стварно не сте човек да ве остави. Па добро бре, биваше ли до толку да немате срам да му барате на Бранко да ни станува прецедник? Малку ли сторил човекот досега за сите нас? До толку ли немате обѕири кон неговиот досегашен лик и дело па сте запекале токму тој уште еднаш да го подметне својот грб во овој заебан тоест тежок, а пред сè историски момент? Нели барем малку ви паѓа жал што го прекинувате човекот во цветот на својата премиерска кариера, сега кога плодовите од неговиот извршен труд несебично нè маваат по глава на жител?
Безмалку цела деценија човекот работеше тивко но самопрегорно: направи приватизација да ти е мерак, ја стабилизираше државава и истовремено толку економски ја засили што душманите можат да ни се фатат само за трговскиот дефицит, ни го зачува името, а пред сè додавките, невработеноста ја намали до граница на лудило, на криминалот му ги пресуши јајцата, не пропуштајќи притоа на светот да му докаже дека навистина не може секое племе да има премиер како него.
И сега, кога конечно дојде време да ужива во тантиемите од својот премиерски опус, вие му викате: „Бане, заеби го сето тоа, ако знаеш за Бога, станувај ни претседател, вака не оди!” Добро, не ги знам баш деталите ама како што ми раскажаа, тој не се дал веднаш: долго му ја мислел, премислувал, сон не го фаќало, а јавето уште помалку сè додека во него дефинитивно не созреало фундаменталното патриотско сознание: „Прецедник, прецедник, нешто да се работи”.
Ма, не се лутам јас што сте се обиделе да го убедите туку што сте успеале во тоа. Океј, постои можност тоа да е некаков ваш подмолен трик: сте сконтале дека Бане со динамит не го тргаш од премиерско место па сте смислиле како да го залажете со нешто друго. Додуша, и неговата одлука ми е јасна. Да го истераше овој мандат до крај, на следните претседателски избори ни жена му немаше да гласа за него. Сега беше време да се кидне и Бане машки кидна. Типот станува толку предвидлив што тоа боли.
Најтрогателно е тоа што Бане ни сега нејќе да се откаже од премиерската функција. Дабоме, во име на државата и нејзиното беспрекорно функционирање. Премиер, лидер на партија, претседателски кандидат, реформатор, визионер, сопруг и татко... Во еден ист Бане се кријат и Ромул и Рем, и двајцата доживотно заштекани на омлитавената цицка на волчицата, надалеку позната како ФИРОМ. Бане е мултитаскинг, тој може сè. Во оваа држава само ние сме вишок. Некој ден мислам да го викнам да ми смени гумиче во чешма, се разбира, без да ги напушти своите останати обврски. И види сега, одшто е срцка, за да нема кавги околу т.н. судир на интереси, Бане решил да направи компромис и да не информира дека тој сепак нема да ги води седниците на влада. Уау, колку џентлменски! Е, што ќе прави ако не ги води, ќе ги полива оние саксиите во средината на кабинетот? Ќе ѕвони за голем одмор?
Ќе стои на врата и нема да пушта никого внатре пошто има приватна забава? Бане мој, не си требал да попуштиш. Да си ги водиш седниците и ич да не ти чуе. Саксиите ќе се снајдат некако и без тебе, не се тие толку немоќни како нас.
Кои се другите кои сакаат да станат шеф сале во оваа пропадната крчма? Мојот имењак Кедев?
Хммм, видиш, тачно не знам што да мислам за човекот. Го видов на нивната конвенција и малку ми беше стегнат. Изгледаше како сè уште да вежба пред огледало. А додека кардиологот се навежба, Бане ќе ни стане Борис уместо Бориса. Штом социјалдемократите решиле да прифатат изборни тв дуели, јасно ви е како ги процениле силите. Оти, од вајкада, од Киро па до Бранко, тие не излегуваат на мегдан ако не им дадеш гаранции дека ќе победат. На менито го имаме и Гзим Острени на кого планирам да заштедам некој збор, надевајќи се дека тој за возврат ќе заштеди некој куршум на нашите војници во следната војна. И дабоме, брат Љубе кој, како што претпоставував, веќе почна да открива дел од своите најсилни аргументи, овојпат спакувани во деколтето на Благица Павловска. Љубе закон! Баш би било секси да си дочекаме да ја видиме Благица во улога на советничка за култура во кабинетот на претседателот, а Војо Стојановски евентуално да добие функција „аѓутант за терца”. Ако Љубе не го заебат со оние процедурални ситници, планирам да си купам блок карти за неговата кампања, да се вооружам со сендвичи и сокчиња и да го мезам братот натенане.
Хмм, ебате тоа изборите. А баш мислев за друго да ви кажувам ама, ете, се зазборев за нив. А тоа е, кога ќе видиш, стара прикаска. Уште од времето кога Господ го создал човекот. Елем, веројатно не минало долго време кога виталните органи почнале меѓу себе да се караат кој ќе биде шеф. Мозокот рекол: „Јас треба да бидам шеф зашто јас наредувам како да работите”. Очите имале поинаков аргумент: „Ние треба да бидеме газди оти ние му покажуваме на телото каде да оди”. Срцето реплицирало: „Не се заебавајте, ако треба некој да е шеф тогаш тоа сум јас зошто на сите ви носам крв за да можете да живеете”. На ова реагирал стомакот: „Размислете кој ве храни, ете тој треба да биде главен”. Нозете имале поинакво мислење: „Богами, ние сме за шеф пошто го носиме цело тело”.
Сите биле уверени дека токму тие треба да бидат главни. Тогаш, неочекувано проговорило говното и изразило желба тоа да биде шеф. Останативе му се изнасмеале. „Ви се бендисува тоа или не, јас сепак ќе бидам шеф,” самоуверено најавило говното. И решило да не излегува цели 5 дена! Телото се чувствувало лошо, стомакот се грчел, на очите им се маглело, срцето било во агонија, нозете се треселе... Одеднаш, сите извикале во еден глас: „Говното нека биде шеф!!!”
Ете, уште од тогаш, секое говно може да биде шеф.
Трендо