Распнатиот човек и претходно имал проблеми со законот

Како денеска, со стандардниот новинарски речник, би се пренела веста која повеќе од две илјади години е глобален брејкинг њуз.

Роденo (можно е вонбрачно) во штала, ова невработено лице од Блискиот исток на свои 30 и нешто години и претходно доаѓал во судир со локалните власти заради нарушување на мирот. Tесно е поврзан со екстремна религиозна групација а поголем дел од своето време го минува во друштво со сексуални работнички и криминалци.

Од проблемите со локалните власти се издвојува инцидентот во кој биле вандализирани тезги на лиценцирани продавачи. Притоа користел и насилнички речник заканувајќи се дека може целосно да го уништи местото и повторно да го изгради според својата замисла.

Кога е уапсен, утврдено е дека со години нема постојана адреса на живеење. Наместо тоа, живее номадски и престојува кај разни пријатели заговарајќи редистрибуција на богатството. 

На властите има паднал во очи во неколку наврати, кога без дозвола делел храна, во јавноста се однесувал скандалозно и учествувал во фарсични церемонии на вода.

Некои велат дека бруталната казна одредена од страна на државата е претерана и не е поврзана со инцидентите кои тој ги има во своето досие.

Ама сепак, не е тоа некој ангел.

*****
п.с. спојлер: ќе воскресне, не ни рипајте одма.   

14 април 2017 - 17:30