„Надреално“ во речникот на Меријам-Вебстер е дефиниран како „интензивно нерационална реалност, како во сон“, како она чувство што го предизвикуваат надреалистичките слики на еден Дали или Маргит.
Сепак, интересот за овој релативно нов збор во англискиот, вклучен во спомнатиот речник во 1967, во случајов нема голема врска со уметност, туку се должи на политиката, и генералното чувство на шокираност и неприлагоденост во свет во кој постојано нешто се менува, и тоа на полошо. Уште поинтересно е што тој е прогласен за статистички победник во последен момент, а зборот кој водеше до 29ти ноември беше - фашизам. За по секоја цена да се одбегне „фашизам“ да биде прогласен за термин на годината луѓето преземаа и драстични мерки, пребарувајќи го на пример „кученца“ по петстотини пати.
„Пиковите на интерес за кој и да е збор вообичаено се предизвикани од една случка“, изјавил Петер Соколовски, главен уредник во Меријам-Вебстер. „Но она што е впечатливо за оваа година е што ’надреално’ е пребарувано во контекст на голем број вести, а не на еден единствен настан“.
Трагедиите поврзани со терористичките напади во Брисел и Ница, обидот за пуч во Турција, изборот на Доналд Трамп и уште куп други настани се опишани не како не-реални, туку како над-реални, нешто што е вон моќта на човекот рационално да ги процесира, и емотивно да ги преџвака и преживее.
Дали ќе дочекаме година во која збор на годината на кој и да е речник, и на кој и да е јазик, ќе биде (реален) „раат“?