Во 1707, едно дете на околу 5 години, го напуштило Аксим на африканскиот Златен брег, тргнувајќи на долга пловидба кон Амстердам. Во тоа време патот до Европа траел неколку недели, но неговото пристигнување на холандското пристаниште не било крај на долгото патување. Продолжил уште стотина километри до Волфенбутел, домот на Антон Улрих, војвода на Брунсвик-Волфенбутел, и голем поддржувач на европското просветителство. Негов библиотекар бил никој друг туку Готфрид Лајбниц, водечки математичар, филозоф и изумител на својата ера. Оттаму, не е необично што библиотеката во Волфенбутел била дом на една од најзначајните збирки во светот.
Детето најверојатно му било понудено како „подарок“ на војводата, кој пак му го „подарил“ на својот син Аугуст Вилхелм. Од своето крштевање па до 1735 тоа продолжило да биде под заштита на аристократското семејство и тоа во тек на неколку генерации. Секако, во куќата често се среќавал со Лајбниц кој го уживал токму истото покровителство.
Статусот на Африканецот не е сосема јасен - дали тој бил роб, дали можеби бил испратен во Европа од христијанските мисионери за тој да се образува? Но она што е сигурно е дека семејството му овозможило не само христијанско име како замена на оригиналното, Амо, туку и соодветно квалитетно образование. Младичот сега се викал Антон Вилхелм, што значи дека и формално станал дел од „лозата“ Вилхелми.
И ова можеби било направено од хумани побуди, но истовремено претставувало еден од најголемите експерименти на просветителството, чија цел била да се види дали еден темнокожец може да ја апсорбира и да придонесе кон модерната наука. Сличен експеримент се случил неколку години порано, кога царот Петар Велики зел африкански роб како свое кумче, давајќи му име Ханибал. Тој станал успешен руски генерал, и бил (замислете!) пра-прадедо на Александар Пушкин. Славниот руски писател започнал, но никогаш не завршил роман под наслов „Северноафриканецот на Петар Велики“.
Некаде во текот на приказната, Антон Вилхелм почнал повторно да го користи своето име од раѓање. Во црковната крштеница му пишувало дека се вика Антон Вилхелм Рудолф Мор (од германското Mohr, слично на англиското Moor кое се користи за црнокожи Африканци). Но подоцна во животот се нарекувал Антон Вилхелм Амо Афер, користејќи го латинскиот збор за Африканци. Или скратено - Амо Африканецот.
Иако не постојат детални биографски податоци, експериментот со Амо излегол успешен. Се школувал во академија за аристократи во местото каде што живеел и изгледа се покажал одличен штом му било дозволено да се запише на правни студии на Унвиерзитетот во Хале, еден од водечките центри за образование во Германија. Магистрирал на тема поврзана со европскиот закон за ропство а потоа станал првиот црн Африканец со европски докторат, од престижниот универзитет во Витенберг (каде Мартин Лутер предавал теологија). Неговата теза е со наслов „За апатијата на човечкиот ум“, критика на Декартовите ставови на познанието.
Знаел холандски, француски, латински, старогрчки, хебрејски, секако германски, најверојатно и англиски. Предавал во Хале и објавил, во 1738, книга под интересен наслов - „Уметноста на трезвеното и прецизно филозофирање“. Се стекнал со еминентни обожаватели во тогашните интелектуални кругови, кои додуша и претходно не се сомневале дека од Африка може да дојде некаква наука и уметност - нивниот сомнеж бил секако повеќе расен отколку културолошки.
Во еден момент, во средните години, Амо одлучил дека е време да се врати дома, помеѓу племето Нзема од Гана и неговото родно село. Секако, ова било храбар и за многумина тотално непромислен потег, за кој нема разумно објаснување. Можеби во Германија во тој период почнале да се појавуваат расни предрасуди или пак човекот имал љубовни маки: во 1747 во Хале била изведена сатирична претстава во која млада Германка ги одбива љубовните понуди на млад професор по филозофија по име Амо. „Мојата душа никогаш не може да сака Африканец“, вели ликот во една сцена.
Не се знае што се случувало со него потоа. Во родното место наводно станал нешто како локален мудрец кај кого луѓето доаѓале за совет. Голем број прашања поврзани со неговиот живот остануваат неодговорени. И поттикнуваат да замислиме свет ослободен од расни фиксации, во кој можело да има повеќе Амов-ци.
(од новата книга „Лагите кои заслепуваат“ од Квами Антони Апија)