“Enlightenment Now” на Стивен Пинкер е исцрпна студија за просветителскиот хуманизам. Таа е прецизна и полемичка, но за хронично фрагилната епоха во која е објавена, истата е навредлива, авторитарна и конзервативна. Неговата пресметка со постмодерната, политичката коректност и религиозниот фундаментализам му обезбедува доволно напади и од лево и од десно, што гарантира добар публицитет но и неизмерно задоволство, пишува Џино Колега од Јутарњи кој го има правено интервјуто со него.
Она што најмногу ги шокира неговите противници е што тврди (и статистички го потврдува) дека како на цивилизација и општество никогаш не ни било подобро. Западната цивилизација не се наоѓа на раб на пропаст, не е патријархална, не е расистичка или сексистичка. Напротив. побогати сме од кога било во историјата, стапката на екстремна сиромаштија е десеткувана на помалку од 10 посто, стапката на глобална писменост е десеткратно зголемена и денес 85% од светското население е писмено, животниот век се има качено од 31 на 71 година а родовата еднаквост никогаш не била подобра од денес.
На последново се однесува добар дел од интервјуто:
Идентитетските политики го имаат преземено целиот наратив?
Да. Етнички, родови, сексуални или расни идентитети. Тоа отприлика се најспоменуваните категории, евентуално би можеле да ги придодадеме и здравствените потешкотии, поточно инвалидноста. „Јас како црнец“ или „Јас како геј лице“, така се почнуваат речениците. Како прво, разумот зависи исклучиво од постоење на објективна стварност и универзалните стандарди на логиката. Како што рече Чехов, не постои национална таблица на множење. Така не постои ни ЛГБТ ни црнечка таблица на множење.
Тој аспект на политиката на идентитети, дека мажот во суштина не може да разбере што значи да си жена, дека белецот не може да разбере што значи да си црнец, во суштина е неверојатно извитоперен. Зошто? Затоа што ефектно поткопува една од најголемите епифании на просветителството - дека луѓето се опремени со способноста за емпатиска имагинација, што им овозможува да го ценат страдањето на другиот. Во последно време, сè поагресивно се зборува и за тн културна апропријација.
Ми се чини дека токму тоа е најлошата нова идентитетска категорија, како да има нешто лошо ако белец се обиде да пренесе некои искуства на црнец, или обратно. Каква било надеж за добробит, за подобро утре, може да се оствари само со поткрепување на универзалните човечки вредности а не со некакво собирање на посебните интереси по групи.
Да, но има ли смисла да се зборува за капацитетите на човечката природа во постмодерната, епоха која не ја признава? На пример, да се каже дека постојат природни разлики меѓу мажите и жените, денес звучи вулгарно, дури и во научни кругови.
Нивната претпоставка е дека ако верувате во постоење на човечка природа, во тој детерминизам, тогаш се откажувате од вербата во подобро утре, Но. човековата природа ја сочинуваат многу делови и заедно со лошите аспекти на личноста, постојат и многу благородни, на пример да се осмислуваат нови идеи и тие да се споделуваат преку јазикот.
Кој го носи товарот на тоа непотребно изедначување на праведноста и еднаквоста? Феминизмот?
Апсолутно. Праведност не е исто со еднаквост. Се разбира, жените мора да уживаат еднакви права како и мажите, без разлика како се сфаќа нивната природа. По мене, огромна грешка на феминизмот во 70-тите беше поврзувањето на женските права со сличноста, или истоветноста со мажите.
Тоа е потполно небитно. За жал, таа парадигма се одвиваше онака како што се одвиваше и денес е втемелена како форма на религија во многу лево-либерални кругови. Жените и мажите се идентични и ако во тоа не верувате, ако спомнувате биолошки и психолошки разлики меѓу половите, тогаш вие сте предавник и ја спречувате борбата за женска еднаквост.