„Пост-вистинита политика“ е термин кој означува таква политичка (не)култура во која дебатите се базираат не врз факти и конкретни политички ставови, туку врз реторика која удира на чувствата. Ова не е исто што и лажењето - вистината во ваквиот вид водење политика е едноставно од секундарно значење. За разлика од други кованици со „пост“, како „поствоен“, која означува време по одреден настан, овде „пост“ повеќе значи „време во кое одреден концепт загубил на значење или станал нерелевантен“.
Терминот спорадично се среќавал и пред оваа, политички турбулентна 2016. Во 1992 се спомнува во есеј на српско-американскиот драматург Стив Тесиќ во списанието „Нејшн“, во кој тој анализирајќи ја ситуацијата во Персискиот залив жали што „ние, како слободни луѓе, слободно и сме одлучиле дека сакаме да живееме во пост-вистинит свет“. Во 2004 американскиот новинар Ерик Алтерман зборувал за „пост-вистинита политичка околина“ и ја создал кованицата „пост-вистинито претседателствување“, која го опишува начинот на кој администрацијата на Буш комуницираше со јавноста по настаните од 11 септември.
Таа иста 2004 кованицата „пост“+термин од областа на политиката стана популарен, па се среќаваше и во различни варијанти, како пост-демократија. Едно време падна во заборав, за во 2010 повторно да искрсне во блог пост на извесен блогер Дејвид Робертс, кој под „пост-вистинита политика“ подразбира „политичка култура во која политиката (јавното мнение и медиумските наративи) се речиси целосно одделени од суштината на водењето политика“.
Аналитичари на концептот него го поврзуваат со враќање кон политичките и медиумските практики карактеристични за претходните векови, кога со порастот на писменоста и развојот на печатарството памфлетите полни навреди и клевети кон политичките опоненти станале најпопуларен начин на кревање медиумска џева, а истовремено и на одвлекување на вниманието од вистинските теми.
Една од стратегиите на „пост-вистинитата политика“ е упорно повторување на некоја поента, иако таа се покажала како невистинита. На пример, во текот на кампањата за излез на Британија од ЕУ, оние кои беа за оваа опција повторуваа дека членството на оваа земја во ЕУ неделно чини 350 милиони фунти. Проверката на факти покажа дека ова воопшто не е точно, но тоа не ги спречи политичарите од опцијата за брегзит да продолжат со истата реторика.
Меѓу другите зборови кои влегоа во најтесниот избор за оваа година се adulting - практика на однесување карактеристично за одговорен возрасен, alt-right - идеолошка групација поврзана со екстремно конзервативен и реакционерен светоглед, како и coulrophobia - екстремен страв од кловнови. Сите тие зборуваат за времето во кое живееме. Времето на пост-вистината.