Некаде при крајот на "Енциклопедија на мртвите" на Киш е онаа епизода во која нејзиниот главен јунак на еден голем сифон за сода-вода ги испишува, на аквамаринска основа, имињата на белградските кафеани со букви со кои на карти се бележат имиња на острови: "Бриони, Бока, Галеб, Морнар.... Знак прашање, Последна шанса". После пасосот кој завршува со цитираното набројување веќе почнува приказната за смртта. Кафеаните на сифонот не се наброени ни по абецеден ни по азбучен ред, не е значи случајно што двете последни се баш "Знак прашање" и "Последна шанса."
Сите од спомнатите кафеани се места за уживање, многу од нив се тоа и ден- денес. Сепак, овде нема да пишувам за кафеани па ни за кафеаната Последна шанса. Ќе пишувам за концептот на последна шанса, оној што ја крстил кафеаната, оној на чиј набој на значења се потпира и самиот Данило Киш.
Последна шанса е онаа после која нема поправен испит и вадење. Во последната шанса или си или не си. Од последната шанса излегуваш или со штит или на него. Последната шанса ти дава можност да ги поправиш своите грешки но и да ги поништиш сите успеси.
Последната шанса не треба да се гледа како спортски термин. Спортот, фудбалот на пример, навистина е област во која често се зборува за последни шанси, но тие последни шанси лесно се насетуваат и препознаваат. Во фудбалот се знае колку трае натпреварот па последната шанса природно има тенденција да се случи во 90-тата минута или во судиското продолжување. Животот, меѓутоа, не е фудбал. Животите не траат исто и последните шанси на сите им доаѓаат во свое време. Во животот е тешко да се насети која шанса е - последна.
Токму затоа последната шанса е поетска тема. Еден од поетите на последната шанса, можеби и најголемиот, е Брус Спрингстин. Што друго е песната Thunder Road, можеби неговата најголема, ако не песна за последната шанса? Hey I know it's late we can make it if we run – вели Спрингстин; знам дека е доцна но може да стигнеме на време ако побрзаме - тоа е стих за последната шанса.
Сепак, веројатно најубавиот стих на Спрингстин за последната шанса произлегува од една мелодиски весела песна, Sherry Darling од албумот The River. Пак се тука и девојка и кола, пак е тука Брус кој вика: Well let there be sunlight, let there be rain/ Let the brokenhearted love again/ Sherry we can run with our arms open wide before the tide; значи вика: Сонцето нека сјае и дождот нека лие/ И нека сите скршени срца повторно засакаат/ Драга, ако трчаме со раширени раце можеме да избегаме пред да дојде плимата.
Каде е тука последната шанса? Сè е последна шанса. Како во некој апокалиптичен запис, климата предизвикува само рамнодушност а се довикува емотивно чудо. Ако трчаме со раширени раце можеме да избегаме пред да дојде плимата.
Добро, ако не избегаме пред плимата, последната шанса ни пропаднала, тоа е јасно. Но, зошто од плимата да се бега трчајќи со раширени раце? Со раширени раце се трча побавно. Со раширени раце трчаш кога веќе знаеш дека си победил или кога ја славиш победата. Со раширени раце, да се вратиме накратко на спортот, тркачот влетува во целната линија ако противниците ги оставил далеку зад себе, така трча фудбалер кој слави постигнат гол.
Каква смисла има да се трча со раширени раце додека ѝ се бега на плимата?
Одговорот се крие токму во разликата меѓу спортот и животот. Во животот, за разлика од спортот, не можеш да бидеш сигурен дали некоја шанса е последна. Која шанса била последна се дознава евентуално во онаа митска предсмртна минута кога на човек наводно целиот живот му се одмотува пред очи, така совршено сумирано да ништо важно не биде изоставено, баш како во Енциклопедија на мртвите. Дури тогаш се знае која шанса била последна.
Со насетените последни шанси, рековме, се занимаваат поетите. А поетот Брус Спрингстин со сликата во која од плимата се бега со раширени раце ни пренесува важна порака. Клучен збор во тој стих е онаа првата, клучен е адресатот. Постои таа некоја Шери на која ѝ се нуди заедно со поетот (да не кажам лирскиот субјект) да ја искористи последната шанса, постои таа која и самата е последна шанса. Кога имаш некој кого ќе прашаш со тебе да ја искористи евентуално последната шанса, кога имаш некој кој тоа евентуално може да го прифати, тогаш однапред си победил, последната шанса си ја искористил, веќе си избегал од плимата. Затоа и можеш да трчаш со раширени раце додека во ушите бие заразно весела мелодија.
Hey, hey, hey what you say Sherry Darlin'?
Мухарем Баздуљ, 2011