Еболата на математичка основа се мери со нешто што се нарекува R0 - бројка која пресметува колку луѓе во просек може да зарази едно заболено лице (од која било болест). Вака математички најопасни се сипаниците со R0 од 18 луѓе, СИДА-та и хепатитот имаат R0 меѓу 2 и 4. Кај еболата просекот е меѓу 1,5 и 2.
Иако и понатаму звучи опасно (еден ќе зарази двајца, па тие двајца четворица, па 8, па 16, па 32...), дополнителна олеснителна околност кај еболата е што заразувањето не оди така лесно во земји со регуларно добар систем за јавно здравство.
"Зошто? Затоа што луѓето со ебола не се заразни се додека не ги покажат симптомите.
Па за да се сопре синџирот на ширење, се што треба да направат здравствените работници во Тексас е да ги соберат сите луѓе кои е можно да се заразиле и да ги стават во изолација пред да покажат знаци на ебола.
Потоа R0 паѓа на нула. И Тексас е раат од ебола," објаснува Мајклин Дуклеф за НПР.
Плус, за изолација на заболените од ебола нема некои вонредно комплицирани технологии, потребна е само соба со врата. Не се бара никаква посебна вентилација. Вратата не е за да ги спречи бактериите да излегуваат, туку за луѓето случајно да не дојдат во контакт со заболениот. Луѓето кои доаѓаат во контакт со заболениот само треба да носат регуларна болничка заштита (ракавици, маска, заштита за очи и заштитна наметка отпорна на течности).
Инаку, единствениот случај на заразен од ебола во САД е во Тексас и тој успеал да ги мине сите наведени (и правилно спроведени) болнички проверки кога пристигнал од Либерија во Далас. Од болницата во која тој бил примен објаснуваат дека направиле се како што треба и дека сестрата која го прегледала пациентот го обележала него како потенцијална опасност од Ебола, ама пропустот бил направен во пренесување на информацијата низ хиерархијата.
"Како последица на ова, докторот кој го примил пациентот не сфатил дека човекот допатувал од Либерија. И заради ова тој изгледал само како уште еден од илјадниците пациенти кои дошле во болница со треска и болку во стомакот (кои се уште не биле толку тешки за да бидат поврзани со Ебола), и бил дијагностициран со гастроентеритис," објаснува хирургот Атул Гаванде, кој е соработник за медицина на Њујоркер, од 1998-ма.