Со задоволство ги следам успесите на „Медена земја“ по свет. Особено ми е драго што квалитетно дело успеало да ја извади главата над површина и да земе воздух со полни гради. Под површината знаеме што има. Околина што по секоја цена се обидува да задуши талент и култура.
Можело значи.
Особено сум им благодарна на креаторите на филмот што, пред сè, на светот успеjаа да му ја доближат Атиџе. Како доказ дека се уште постои онаа базична човештина и како демонстрација на фактот дека луѓето се уште можат да бидат убави, нерасипани, а дека во себе можат да чуваат особини што се несомнено светост.
Хармонија со природата.
Суштинско разбирање на светот.
Почитување на животните како еднакви.
Љубов и ведрина без разлика на околностите.
И незаборавање на себеси.
Такви луѓе се реткост, ние не сме такви и во ред е тоа да си го признаеме.
Затоа и не ми е до крај јасно зошто ми беше таков шок кога денес го најдов Фејсбук преплавен со статуси и коментари на тема: „Не ја разубавувајте Атиџе“.
Океј, вака.
Прво, се разбравме дека Атиџе е боље човек отколку ние што можеме да се надеваме дека ќе бидеме.
Второ, иако ја доживуваме како наша, Атиџе не е наша. Атиџе е своја. Арогантно е да мислиме дека имаме право да кажуваме што треба да прави, а што не треба.
Трето, Атиџе е жена.
Ако до скоро не сте имале прилика да разубавите или да промените нешто на себе, и сега ви се отвора таа прилика и го направите тоа - дали губите од својата автентичност?
Дали со фарбање на косата губите од автентичност?
Со шминка?
Со забар?
Со фризер?
Козметичар?
Дотерување?
Што и да правите друго, што не ви е од раѓање дадено?
Или сте толку себични и самобендисани и инквизиторски настроени, па уште и арогантни, да ви пречи дека нешто што сте си го ставиле во вашата „фиока на автентични“ сега некој ви го растура?
Сцената со фарбата за коса во филмот, покажува дека Атиџе сака да внимава на изгледот. Во тој момент, тоа е фарбање коса, дома.
Во овој нов момент, е фенирање на фризер.
Утре може ќе посака нешто друго да разубави, да среди, да смени… Може ќе има пари да се пресели во центар на град. Може ќе се омажи? Може ќе се пресели во странство.
Каков ли атак ќе биде тоа на вашиот осет за автентичност?
А може и ќе остане таму каде што е и таква каква што е.
Каква врска има тоа со вас?
Мислам, не знам дали разбирате дека тоа нема никаква врска со вас, туку само со нејзе?
Или стигате до врв на ароганција да тврдите дека нејзините одлуки се неинформирани и дека „некој нешто ја тера“?
На Атиџе можеме само да ѝ се восхитуваме од далеку, кој има среќа и од блиску.
Никој од нас не е поканет да ја „заштити од надворешниот свет“. Ако конечно ѝ се укажува прилика да го искуси светот на поинаков начин, кои сме ние да кажуваме како е таму, надвор? Нема право да види сама?
Пробајте на тој до вас да му кажувате „како се прави“ и „што да прави“.
Не ви иде, нели?
Од кај па дека можете на Атиџе да ѝ кажувате?
Ама па, ако уште треба да се бориме за една жена да може да одлучи дали сака на фризер, пирс на јазик, тетоважа преку цела фаца, да се фарба плава или зелена, да направи андеркат или ладна, тогаш добро.
Ќе се бориме и во 2020.
Атиџе ќе прави што сака.