Вештачката интелигенција ни го менува односот со уметноста

Еден број на Вог, една совршена кампања за Guess и - со најситен фонт -  признание: моделот не постои. Како, мислиш - не постои моделот, сликан за модно списание?

Просто е, и веќе не нè изненадува - моделот е AI. А ние долги години сме навикнати да ги читаме модните фотографии како благо ретуширани фантазии. Сепак, ова не е ретуширање каде што ќе ц‘цкаме дека „нема смисла вака што нè лажат“, него комплетна измислица и нова стварност. Овде имаме компјутер набилдан со милијарди визуелни примероци, кој научил што нашето око сака да види - токму затоа и реакцијата беше бурна: познатата манекенка Фелисити Хејворд го нарече потегот „мрзлив и евтин“, предупредувајќи дека целата борба за разноликост во модата може да биде заменета со готов, „тестирано привлечен“ лик што никогаш не старее, не се дебелее и нема мислење.

Алгоритмите одамна ја положија првата верзија на Туринговиот тест што е за разговор, па денес нема ништо необично ако чатбот ве убеди дека од другата страна седи човек. Но сега стигнавме до поамбициозна фаза: естетскиот Турингов тест. Прашањето денес не е дали компјутер може да разговара како нас, туку дали може да создава слика, песна или сцена што нашите сетила ја сметаат за направена од човек.

Докази за ова има да ги ринеш со лопата:  платформи што компонираат песни за неколку секунди, фотографии што изгледаат толку убедливо што милиони ќе поверуваат дека се реални - сето ова затоа што ВИ ги владее нашите обрасци. Ги има сварено сите стилови, сите кадри, сите ритмови, затоа што има научено што ние би прогласиле за вкус. И сè поретко ги прави грешките што нам ни сигнализираат дека нешто „не е во ред“.

Овој нов хипер-реален свет звучи импресивно, но носи една тивка последица. Кога сè е подеднакво убаво, кога е невозможно да погледнеш слика без да се запрашаш „дали ова е стварно?“, нешто се губи. Германскиот филозоф Валтер Бенјамин вели - аурата. Уникатноста, историјата на човечката рака. Причината што, на пример, стари албуми со фотографии не гаѓаат - затоа што гледаме живот, а не пиксели. ВИ-уметноста нема таква аура. Таа е чиста техника, одново создавана до бескрај, без лична приказна. Затоа понекогаш изгледа совршено - и празно.

Но можеби прашањето што нè чека не е дали машината „нè излажала“. Туку што самите сакаме од уметноста. Ако песна генерирана од алгоритам те потресе, дали е важно што авторот не чувствува ништо? Дали значењето се создава во умот што создава или во човекот што го доживува?

ВИ всушност ни подава огледало - беспрекорно, малку студено, но неспорно талентирано. Сега ние треба да решиме што повеќе нè привлекува: совршениот одраз или човечката несовршеност што остава трага.

Можеби иднината на уметноста нема да биде борба меѓу човек и машина, туку избор на публика: дали сакаме мазна симулација или онаа шармантна, малку нерамна вистина што само човек може да ја остави зад себе.

извор

27 ноември 2025 - 11:52