На изборите за регионалниот парламент на Каталонија од 27. септември победата ја однесоа сепаратистите, и тоа се толкува како јасен сигнал за подготвеност на овој регион за негово одвојување од Шпанија (за што пишувавме тука). Но Каталонците можеби и би останале во заедница со нивните соседи, под услов нивниот јазик и култура да бидат заштитени со закон.
Ваквото барање е историски сфатливо имајќи предвид дека речиси четири децении под диктаторот Франко (од 1939, до неговата смрт во 1975) каталонскиот бил забранет за употреба во јавност, а форсирањето на шпанскиот требало да обезбеди етнички и политички хомогена држава. Репресијата не била само политичка, туку и културна. Каталонскиот бил исфрлен од школскиот систем, а бил форсиран „јазикот на империјата", кого го прифатиле оние од високите класи. И покрај ова повеќето Каталонци продолжиле да го користат јазикот дома, што овозможило негово преживување.
Уставот од 1978, донесен по смртта на Франко, ја признал лингвистичката плуралност на земјата и го прогласил каталонскиот за обврзен во тамошните училишта. Тој денес се зборува и на Балеарските острови, во Валенсија, Андора, во француската провинција Русијон и италијанскиот град Алгеро, или на територија која покрива над 13 милиони жители. Каталонски се изучува на 150 универзитети во светот а на него се објавуваат повеќе од 400 списанија. Сепак, каталонските студии се најмалку присутни на шпанските универзитети, што е одраз и на историската дискриминација и на современите обиди за отцепување. Само седум универзитети во Шпанија (вон Каталонија) го изучуваат каталонскиот, додека дури 22 универзитети нудат вакви програми во Британија, 20 во Франција, а 24 во САД.
Каталонскиот е девети јазик во Европа во смисла на број на говорители - повеќе од шведскиот, данскиот или финскиот. На него се емитува програма на повеќе од 80 ТВ канали и повеќе од 100 радио станици, а има и долга традиција на издаваштво - секоја година во Шпанија се објавуваат речиси 6,000 книги на каталонски, или 12% од вкупниот број објавени книги во земјата. По сè, изгледа дека забранувањето на еден јазик може да биде ефикасен начин за тој да се одржи, бидејќи неговите говорители пружаат активен отпор кон авторитарните обиди за бришење на нивната култура.
За да чуете како звучи и да дознаете нешто повеќе за современата култура на Каталонија, еве 5 начини како да изнервирате Каталонец: