На рекордна излезност од 78 проценти, гласачите на Каталонија довербата им ја дадоа на партиите што се залагаат за независност на регионот. Тие освојуваат 72 од вкупно 135-те места во регионалниот парламент.
Партијата "Junts pel Si" (Заедно за Да) обезбедила 62 места а левичарската ЦУП 10 места во парламентот, покажуваат прелиминарните резултати на преброени 97 % од гласовите.
Пред гласањето овие партии најавија дека ваков резултат ќе го толкуваат како мандат за независност и за донесување еднострана одлука за одвојување од Шпанија во рок од 18 месеци во кои ќе се донесе Устав и ќе се формираат неопходните институции како што се војска, централна банка и судски систем.
Ваквите најави шпанската влада на Мариано Рахој стандардно ги отфрла како глупости заканувајќи се дека таква одлука ќе биде судски оспорена со оглед на фактот што важечкиот шпански устав не дозволува сецесија на делови од земјата. Сепак, ваквиот исход на гласањето во Каталонија е сериозен удар за неговата централно-десничарска извршна власт пред општите избори во декември годинава.
Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Каталонците би останале во Шпанија доколку нивниот регион добие пофер даночен режим и закони кои ќе ги штитат нивниот јазик и култура.