Рекорден број патенти во светот, Кина го води орото

Позната е тоа апокрифна приказна дека извесен Чарлс Холанд Дуел, комесар на американското биро за патенти, некаде околу 1898 година му предложил на својот шеф бирото да се затвори, убеден дека „сè што може да се измисли, веќе е измислено“. Сто и трисет години подоцна, човечката креативност сè уште мозга и наоѓа нови решенија за стари и нови проблеми. 

На глобално ниво, минатата година биле поднесени рекорден број барања за патенти, при што Кина учествува со повеќе од половина од зголемувањето на бројот на барања, објави Агенцијата за интелектуална сопственост на Обединетите нации.

Иноваторите низ целиот свет поднеле над 3,9 милиони барања за патенти во 2025 година, што е зголемување од шест проценти во однос на 2024 година и најбрза годишна стапка на раст од 2016 година.

Генералниот директор на Светската организација за интелектуална сопственост со седиште во Женева, Дарен Танг, изјави дека компаниите продолжуваат да инвестираат во раст базиран на технологија, а владите ја гледаат иновацијата како двигател на растот и развојот. Инвестициите во вештачка интелигенција дополнително ги забрзуваат овие трендови.

Во апсолутни бројки, иноваторите со седиште во Кина лани поднеле околу 1,9 милиони барања за патенти, по што следат САД со 489.766 и Јапонија со 466.301 барања.

Уделот на Азија во вкупниот број на глобално поднесени барања за патенти се зголемил од 61,9 проценти во 2015 година на 71,2 проценти во 2025 година (главно благодарение на Кина).

Иако извештајот не ги одвојува патентите поврзани со вештачката интелигенција, компјутерската технологија повторно е најголемата област на патентирање, со удел од 13 проценти од сите објавени барања за патенти.

Бројот на барања за патенти од Индија се зголемил за 37,5 проценти и за прв пат надмина 100.000, додека бројот на барања од Израел, САД, Русија и Германија се намалил во споредба со нивоата од 2024 година.

 

19 ноември 2026 - 13:35