Експлоатациите на ранливи софтвери речиси се дуплирале во периодот помеѓу јануари и август годинава. Злонамерните актери ја достигнале критичната точка на автоматизација на хакерски напади. Едноставно му поставуваат цел на јазичниот модел со вештачка интелигенција и го оставаат самиот да ја пробие нејзината заштита, заклучува Одделението за кибернетска безбедност на Гугл (GTIG) во нов извештај.
Агентите користат изложени сервери и преку нив постојано ги скенираат ажурирањата на софтверот. Кога ќе забележат дека е утврдена некоја ранливост, веднаш пишуваат код за да ја злоупотребат пред да биде инсталиран пакетот за ажурирање.
Со човечка брзина не може да се одбрани закана спроведена со машинска брзина, заклучува GTIG во извештајот.

GTIG идентификувал сервер кој се користел за олеснување на разни пост-компромитирачки активности. Телеметријата на жртвите сугерира дека операторите биле конкретно заинтересирани за таргетирање на француски веб-страници поврзани со медиумската и забавната индустрија, како и со образовниот сектор. Рамката со отворен код за операции во живо CAIRN го следела и воздухопловниот сектор на САД.
Иако директно не се поврзуваат, овие наоди се поклопуваат со извештаите за напади врз фрижидери на супермаркети во Франција, чиј софтвер одамна не бил ажуриран, и со техничкиот дефект при ажурирањето на системот на американската контрола на летање, кога беа приземјени илјадници авиони.
Речиси во исто време, платформата за кибернетска безбедност Optimizely објави дека се откриени напади со малициозни кодови врз 188 проекти на 178 организации. Експертот за кибернетска безбедност Скот Хелме изјави дека кодовите биле испорачани во приближно 34 милиони посети и страници.
Упадите можат да украдат детали за платежни картички, да префрлаат криптовалути помеѓу дигитални новчаници, да прибираат „колачиња“ и да пренасочуваат постари модели на мобилни уреди кон заразени страници.
Њузвик ги наведува сите 178 организации за кои е потврдено дека биле погодени од нападите. Најчести биле врз секторот за финансии и банки (32), за технологија и софтвер (23) и за продажба (20). Нападнати биле и 10 страници на медиуми, вклучувајќи ги ББЦ, ЦНН и Фоксњуз.