Германија, Австрија, Данска, Грција и Холандија објавија дека депортациите би требало да почнат веќе во 2027 година. Основата на проектот е новата регулатива на ЕУ „Центри за враќање“, насочена кон мигранти за кои има извршен налог за депортација, но нивните матични земји одбиваат да ги прифатат назад. Тие немаат никаква поврзаност со Руанда.
Портпаролот на германската влада Себастијан Хиле на прес-конференција одби да даде конкретни одговори. На низа новинарски прашања кажуваше дека владата „нема кристална топка“ или дека „ги разгледува опциите“.
Министерот за внатрешни работи Александер Добринт сè уште не може да каже колку луѓе би биле префрлени, па ги остава медиумите да шпекулираат. Според информации на Der Standard, планиран е пилот-проект со околу 100 лица – приближно по 20 од секоја од петте земји. Други извори наведуваат дека Германија првично би добила 40 места.
Спорна е и легалната основа. Правниот експерт Константин Хрушка тврди дека таков центар не може да се формира само со извршна одлука на владата, без одобрение од Бундестагот. Притоа потсетува дека присилните префрлања на мигранти се правно забранети сè до 17 октомври 2027 година.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Давид Менкел, одби да ја коментира ситуацијата со човекови права во Руанда, иако Врховниот суд во Лондон во 2023 година блокираше сличен проект на британската влада. Министерството за внатрешни подоцна ја пофали Руанда како „доверлив и одговорен партнер“.
Министерството за надворешни даде конфузни одговори. Но, министерот за економска односи, Рим Алабали Радован изјави дека соработката со Кигали е замрзната поради улогата на руандските милиции во соседен Конго. Блокадата би требало да опфати и забрана на исплати за програмата.
Проблематична е и сумата. Во нацрт-буџетот за 2027 година за депортација на мигрантите се издвоени 20 милиони евра, односно по 500.000 за секој мигрант. Но, не е точно наведено што сè покрива оваа сума. Магазинот „Тихис Ајнблик“ оценува дека 20 милиони евра за 40 билети е лош компромис“. Го наведува случајот на Британија, која потроши 715 милиони фунти за својот проект, од кои 290 ѝ беа исплатени на Руанда. Пред судот да ја укине програмата, Британија испрати во Руанда само четворица мигранти, и тоа на нивно барање.