Светот може да функционира и со блокиран Ормуски проток

Енергетскиот шок по војната на САД и Израел со Иран ги натера производителите и купувачите на нафта и гас да бараат алтернативни синџири за снабдување со енергија. Ормускиот проток, низ кој до март поминуваше 20% од светскиот извоз на нафта, повеќе не мора да биде клучен за стабилноста на пазарите. Сепак, нема алтернативен пат за течниот природен гас од Катар. 

Во својот главен извештај „Светски енергетски изгледи“, Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) наведува дека е можно повторно да се воспостави рамнотежа на пазарите на нафта и без повторно активирање на сообраќајот на танкери низ Ормускиот теснец.

Сепак, за да се постигне тоа, би биле потребни инвестиции од околу 40 милијарди долари за изградба на нови цевководи, како и уште 200 милијарди долари во нафтени полиња во други делови од светот.

Светот, теоретски, може да функционира и без овој теснец. Тоа е тешко, но е возможно, изјави директорот на ИЕА, Фатих Бирол.

Агенцијата укажува дека новиот саудиски цевковод „Исток-Запад“, кој го пренасочува извозот на нафта кон Црвеното Море, му заштедил на Кралството околу 60 милијарди долари приход во текот на првите месеци од војната. Новите цевководи во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Ирак би можеле да овозможат транспорт на околу 15 милиони барели сурова нафта дневно, заобиколувајќи го теснецот.

Во комбинација со намалената побарувачка за нафта и зголеменото производство на други локации, протокот низ Ормускиот теснец би можел да се намали од предвоеното ниво од 20 милиони барели дневно на само 2 милиони барели дневно до 2035 година.

Сепак, се истакнува дека не постојат алтернативни извозни канали за течен природен гас од Катар, еден од водечките светски производители.

Во исто време, земјите што увезуваат нафта и гас би можеле повеќе да се потпрат на домашни извори на енергија – како што се јагленот, нуклеарната енергија и обновливите извори – како и да ја забрзаат електрификацијата на транспортот и греењето.

ИЕА во својот годишен извештај првпат понуди неколку можни сценарија за иднината на трговијата со нафта и гас. Според сценариото „Тековни политики“, моделирано врз основа на актуелните политики и прописи, глобалната побарувачка за нафта постојано расте: од 102 милиони барели дневно оваа година, до 114 милиони барели дневно до 2050 година.

Но, според друга модел, во која се претпоставува силен одговор на кризата, побарувачката би паднала на 85 милиони барели дневно.

19 ноември 2026 - 13:58