Движењето за „body positivity“ ни остави токсично наследство

Пред десетина години, модната индустрија и социјалните мрежи нè уверуваа дека убавината нема единствена големина и дека себеприфаќањето е поважно од стремење кон совршена фигура. Денес, во ерата на Оземпик и другите лекови за слабеење, Твиги е повторно доминантен идеал. Само што сега изгледа никој не сака отворено да го признае тоа.

Во анализа за Гардијан, новинарката Хана Мериот го истражува овој парадокс - на модниот спектакл Vogue World во Милано, меѓу спонзорите се најде фармацевтската компанија Eli Lilly, производител на лековите Mounjaro и Zepbound. Компанијата го оправда партнерството со намерата разговорот за телесната тежина да го пренасочи од естетика кон здравје.

Иронијата е очигледна: производител на лекови за слабеење спонзорира настан на индустрија која повеќе од еден век ја претставува виткоста како идеал.

Движењето body positivity произлезе од активизмот против дискриминација врз основа на телесната тежина. Неговата суштина беше дека ничие тело не е помалку вредно поради големината и постепено, пораката стана дел од популарната култура. Од крупни до дебели модели се појавуваа на насловни страници (никако просечни тела), а големите брендови ја славеа разноликоста во лицемерни рекламни кампањи. Зад оваа инклузивност, нормално, често стоеше маркетинг, наместо вистинска промена. Некои модни куќи ангажираа модели со поголеми конфекциски броеви, иако не произведуваа облека во тие големини. Разноликоста беше пожелна на фотографии, ама во дуќан?

„Немаме.“

Денес дури и тој ограничен напредок изгледа загрозен - според податоците наведени во анализата, 97,5 проценти од моделите на неодамнешните модни недели носеле американска конфекциска големина 4 или помала.

Популарноста на лековите од групата GLP-1 дополнително го промени разговорот за телесната тежина, па познати личности што некогаш беа симболи на прифаќањето на различни тела почнаа јавно да зборуваат за слабеење и да ги разочаруваат фановите што едвај најдоа утеха дека „не е страшно“. Во меѓувреме, диетите не исчезнаа, туку добија нов речник. На Инстаграм и ТикТок денес се зборува за протеини, макронутриенти, калориски дефицит и мускулна дефиниција. Наместо виткост, се посакува „затегнато“ тело, а наместо диета, се промовира здрав животен стил. Терминологијата е поинаква, но естетските очекувања остануваат препознатливи.

Алгоритмите дополнително ја засилуваат оваа противречност и препорачуваат содржини за слабеење и естетски интервенции дури и на корисници што не ги побарале. Истражувачката Аманда Рафул предупредува дека ваквото насочување е особено проблематично за луѓето подложни на нарушувања во исхраната. Така се најдовме во необична ситуација: отвореното величање на слабоста се смета за неприфатливо, но слабите тела повторно доминираат во модата и популарната култура.

Од фините работи, body positivity нѐ научи да пазиме како зборуваме за физичкиот изглед, но промената на речникот не значи промена на вредностите.

И уште едно интересно: Додека беа во мода дебели, никој не смееше да каже дека „не му сметаат, само се секира за нивното здравје.“

Некако не важи истото правило за слаби. За нив редовно „се секираат“.

2 ноември 2026 - 12:06