„Mankeeping“, или зошто жените почнаа да се откажуваат од љубовни врски

Истражувачи на Стенфорд конечно имаат име за нешто што многу жени го трпат со години - mankeeping, или чување маж, ама во контекст на чување деца, животни. Тоа и објаснува зошто жените одлучуваат дека не сакаат веќе врска.

Mankeeping го опишува емотивниот труд кој ги сардисува жените во една хетеросексуална врска. Не е само паметење родендени или координирање на планови за дружењем туку да бидеш цел систем на поддршка за својот маж.  Да му го менаџираш стресот. Да му ги интерпретираш расположенијата. Да го држиш за рака во врска со чувства што не сака со никој друг да ги сподели. Труд кој е непризнат и често невозвратен. А на запад, поладните ќе кажат и неплатен.

На прв поглед може да звучи чудно - а зошто да не го држиш за рака кога поминува низ нешто што само тебе сака да ти го признае, нели за тоа сте заедно? Но, овде не зборуваме за очекувана и добредојдена динамика меѓу двајца партнери. Нека ви текне колку само мајки и баби познавате што мораат да внимаваат на сопругот затоа што е терсене, или е по алкохолот, или заборава да купи нешто, или не го интересира, или... А човекот е возрасна, самостојна индивидуа по која не би требало „да се собира ѓубре“.

Коренот на проблемот е поврзан со нешто што експертите го викаат епидемија на машка осаменост. Сè повеќе мажи кажуваат дека имаат малку блиски пријателства, па се очекува од нивните партнерки да го покријат тој недостаток. Наместо да процесира со пријатели, мажот често сè префрла на жената со која е во врска и така таа станува негова целосна емотивна инфраструктура.

Е па, многу жени веќе не ги интересира таква динамика. Само 38 проценти од жените во САД во моментов бараат партнер, според едно истражување. Кај мажите, тој процент скока на 61 процент и таа разлика многу кажува. Не дека жените се откажуваат од љубов, туку од бивање терапевт со кој спиеш во ист кревет. Гардијан „чувањето маж“ го нарекува современо продолжување на емотивниот труд кој партнерката ја претвора во лајф коуч. И не се рабпти за избегнување ранливост, туку за одбивање да носиш нечија емотивна тежина, а да не добиваш ништо за возврат.

Тоа што жените го сакаат не е комплицирано - сакаат споделен труд, меѓусебна поддршка и одговорност што не се префрла на другиот како да сме на работа. Кога тоа фали, тогаш бираат осамување наместо стрес - и немаат ни намера да се извинуваат за тоа.

Некои жени ги нарекуваат огорчени поради фактот што одлучуваат дека им е подобро сами, ги нарекуваат и „ладни“, а само си ја чуваат енергијата. Изборот да бидат сингл ретко произлегува од пораз - повеќе е затоа што точно знаат колку енергија им останала за давање, и додека не се промени тој баланс, ќе си седат сами, затоа што е полесно отколку да менаџираш туѓ емотивен живот.

17 август 2026 - 10:30