Една интернет мудрост вели: „Да дебатираш со идиот е како да играш шах со гулаб - ќе ги сруши сите фигури, ќе се посере на таблата и ќе одлета победнички.“ Смешно, а истовремено длабоко загрижувачки. Сите имаме глупи луѓе во животот и главно ни е смешно, но, глупоста има и мрачна страна. Теологот и филозоф Дитрих Бонхофер вели дека глупиот човек е често поопасен од лошиот.
Во стрипови и филмови, на пример, знаеме кој е негативецот. Носи темна облека, убива кога ќе му текне и злобно се кикоти околу своите пеколни планови. И во реалноста ги има - диктатори што нарушуваат човекови права, сериски убијци, насилни криминалци. И колку и да се зли овие луѓе, не се најголемата закана, бидејќи ги знаеме, а кога нешто ќе го препознаеме како зло, доброто може да се обедини против него. Како што вели и Бонхофер,
„Човек може да протестира против злото, може да го разобличи, и ако треба, да го спречи со користење на сила. Злото секогаш во себе носи вирусот на сопствената субверзија.“
Но, глупоста е сосема поинаков проблем. Не можеме така лесно да се бориме против неа од две причини. Прво, колективно сме многу потолерантни на глупост. За разлика од злото, глупоста не е порок што го сфаќаме сериозно. Не ги тепаме другите затоа што се неуки. Не им се дереме на луѓето што не знаат некои работи. И второ, глупоста е лизгав противник. Не можеш да ја победиш со дебата или разум. Што е полошо, кога глупиот ќе го притесниш во ќош - кога ќе го нападнеш со факти што не може да ги одрече - збеснува и станува агресивен.
За ова, Бонхофер вели вака:
„Ни бунење, ни сила не можат ништо да постигнат овде - разумот не се слуша; на фактите што контрираат на предрасудата едноставно не им се верува - во вакви моменти, глупавата личност станува и критична - и кога фактите се неодречливи, едноставно се отфрлаат како нестабилни, како случајности. Во сето ова, глупиот човек, како контраст на малициозниот, е исклучително самозадоволен и бидејќи лесно се нервира, станува опасен кога ќе нападне.“
Глупоста, како и злото не се закана сè додека не добијат моќ. Но, проблемот со глупоста е што често оди рака под рака со моќта. Според Бонхофер, очигледно е дека секое кревање на моќта во јавната сфера, без разлика дали е политичка или религиозна, инфицира голем дел од општеството со глупост. Ова функционира на два начини: Прво, глупоста не те дисквалификува да држиш позиција на моќ. Историјата и политиката вријат од примери кога глупите дошле на врвот (а паметните биле исклучени или егзекутирани). Второ, природата на моќта бара луѓето да предадат одредени аспекти потребни за интелигентната мисла, како независност, критичко размислување и рефлексија.
На крај, според Бонхофер, на глупоста треба да се гледа како нешто полошо од злото. Глупоста има многу поголем потенцијал да ни ги оштети животите. Поголема штета се случувала од еден моќен идиот, отколку од банда макијавелисти. Знаеме кога имаме работа со зло и можеме да му ја одземеме моќта. Со корумпираните, опресивните и садистите знаеме на што сме. Знаеш која страна да ја држиш.
Но, глупоста е многу потешка за искоренување. Затоа е опасно оружје - лошите луѓе се мачат да стигнат до моќ и потребни им се глупите за да им завршат работа. Како овци во поле, глупите можеш да ги водиш, да ги насочуваш и да ги манипулираш да прават што сакаш. Злото е куклар и ужива во своите безумни марионети - без разлика дали е тоа јавноста или внатрешните коридори на моќта.
Можеме да се смееме на будалести инциденти во друштво, ама и тоа како треба да се лутиме и да се плашиме кога ќе завладее глупоста.
Како за крај, брилијантно режирана човечка глупост, кај Вуди Ален: