Би поддржале ли „adult-only“ ресторани?

Хотели веќе има. Ама темата за ресторани каде што ќе бидат забранети деца под одредена возраст за да нема опасност да ти се наруши искуството поради плачки, врескања и брканици меѓу маси е сè поактуелна и попоздравена.

Во САД се појави една анкета каде што излезе дека 75% од Американците поддржуваат некаква опција за ресторанско искуство само за возрасни, без разлика дали ќе бидат одвоени делови, вечерни часови само за возрасни или ресторани исклучиво за возрасни. Меѓу најсилните поддржувачи се - родителите.

Една од причините е фактот што луѓето излегувањето во ресторан сè почесто го доживуваат како искуство, не само како оброк. Покрај тоа, скапите ресторани, коктел барови, пивници и романтични локации така и го продаваат. Сопствениците велат дека добиваат поплаки за врева, растрчани деца, дури и прашања за безбедност поради келнерите што носат жешка храна.

Пред 10-20 години, рестораните што се одважија да забранат деца беа напаѓани дека не се фамилијарни, но денес муабетот е друг - не дека им се изустува „деца не се добредојдени“, ама би сакале „различни простори за различни искуства“. Досега има вакви хотели, крстарења, одвоени простори на летови и одвоено време во пивници и винарии кога не смеат да се носат деца.

И нормално, во исто време има голем отпор - рестораните се јавни простори, а децата природно припаѓаат во јавен простор. Често не се ни децата проблем, туку недоветни родители, а и забраната за деца може да доведе до третирање на семејствата како „напор“, наместо како дел од општеството.

Самата дебата е одраз на поголема демографска промена - луѓето подоцна влегуваат во брак, раѓаат помалку деца и трошат повеќе пари на искуства наменети за возрасни. Услужните дејности поради сето ова имаат тенденција да се прилагодат - дека не секој простор е наменет за секого.

3 јуни 2026 - 00:00