
Може звучи како нешто поврзано со стадиони или силни рефлектори, но всушност станува збор за социјален феномен: прерано и интензивно емоционално разголување во врската.
Во наједноставна форма, floodlighting се случува кога некој споделува многу тешки, интимни и емотивно оптоварени информации уште на самиот почеток од запознавањето - понекогаш дури и на првиот состанок или преку пораки пред воопшто да се сретнат луѓето. Може да се приказни за трауми од детство, може е муабет за бивши, може се психолошки проблеми или длабоки лични кризи - сѐ се нафрла наеднаш, без да има време за постепено градење доверба.
На прв поглед, ова може да изгледа како искреност или автентичност, но експертите предупредуваат дека динамиката често е многу посложена.
Терминот floodlighting - како ненадеен напад од многу силни светла - е на авторката и истражувачка Брене Браун, која се занимава со темите на ранливост и срам, и прави јасна разлика меѓу здравата ранливост и прераното „прелевање“ на емоции.
Некогаш се работи и за манипулација со умисла, ама не е секогаш така. Експертите сметаат дека сепак прераното бомбардирање со информации за себе може да произлегува од потреба за брза емоциноална сигурност, или тестирање на туѓите граници. Како да го ставаш целиот емотивен багаж на маса, за да видиш дали тој од карши ќе остане и често е несвесно. Може да произлегува од анксиозност, ниска самодоверба или претходни трауматски искуства. За луѓето што го прават ова, брзото отворање може да изгледа како начин да се избегне подоцнежно повредување.
Како се препознава?
Иако секој случај е различен, постојат неколку чести знаци: Интимни и тешки лични приказни се појавуваат уште на првиот контакт, разговорот станува еднострано емотивен, без рамнотежа, се создава чувство на емоционален притисок или „заробеност“, другата личност внимателно ја следи вашата реакција и брзо се зборува за „длабока поврзаност“ и силна блискост.
Во такви ситуации, дејтот повеќе наликува на сесија со психолог отколку на опуштено запознавање.

Проблемот настанува кога, дури и кога не е намерно, floodlighting создава емоционална нерамнотежа. Едната личност станува „носител“ на туѓи тешки приказни многу порано отколку што е природно во една врска. Во одредени случаи, ова може да прерасне во притисок или прерана емоционална зависност, пред воопшто да се воспостави вистинска меѓусебна блискост.
Ако вие сте таа личност што споделува премногу премногу рано, експертите советуваат да се запрашате:
Дали барам поврзување или потврда?
Дали се обидувам да „тестирам“ некого?
Дали ова е вистинска доверба или реакција на страв од отфрлање?
Ако пак сте на другата страна, важно е да знаете дека не сте обврзани да носите туѓ емоционален товар.
Една можна, смирена реакција е:
„Ценам што си отворен/а, но мислам дека сè уште се запознаваме. Можеби е подобро да продолжиме со овие теми подоцна.“
Вистинската ранливост, како што објаснуваат психолозите, не е експлозија на емоции на самиот почеток, туку постепен процес што се развива со време.
Затоа е нездраво веднаш да го опсипеш човек со силно светло. Нормалните и здрави односи се светло што се пали полека.