„Бенксирање“: Новиот токсичен тренд во врските на генерацијата З

Во новата лексика на дигиталните врски постојано се појавуваат свежи термини за стари болки. По ghosting, кој опишува ненадејно исчезнување без збор, и breadcrumbing, каде вниманието се дава во ситни, недоволни дози, доаѓа уште еден збор: banksying - означува постепено повлекување од врската, без отворен разговор и без јасно соочување.

Моделот е ваков: плановите почнуваат да се откажуваат со изговор „премногу работа“, вечерите траат пократко, вниманието се префрла на телефонот, а допирот и интимноста се губат. Формално, врската сè уште постои - има заеднички излегувања, понекој лајк или порака, но суштината полека исчезнува. Кога ќе дојде официјалниот прекин, за едниот партнер тоа делува ненадејно, а за другиот е одамна завршен процес.

Терминот доаѓа од паралелата со анонимниот уметник Бенкси: делото се појавува одеднаш, но авторот одамна е заминат. И во љубовниот контекст, присутна е илузија на нормалност, сè додека не се појави конечниот „инсталационен“ чин - раскинувањето.

Овој феномен е симптом на култура што сè повеќе ја вреднува леснотијата на напуштањето (на врската, на проблемот, на конфликтот) наместо трудот што треба да се вложи ако се остане. Во време кога од нова можност те дели едно инсталирање апликација на телефон, непријатните разговори се заменуваат со молк, а конфронтацијата со тивка стратегија на исчезнување.

Проблемот е што таквиот молк ретко е едностран. Двајцата партнери ја чувствуваат празнината, но избегнуваат директно прашање или одговор. Така, раскинот станува заеднички проект на избегнување - никој не сака да го именува очигледното.

Иронијата е во тоа што токму вештините што недостасуваат во овие ситуации - да се именува чувството, да се издржи туѓата непријатност, да се разговара за проблемот - се истите што ја градат вистинската блискост. Без нив, повторуваме ист шаблон: врска по врска, исчезнување по исчезнување.

Феноменот не е ограничен само на романтични врски. Слични обрасци може да се појават и во пријателствата - наместо отворено да се каже дека нешто пречи или дека динамиката се сменила, едниот пријател почнува полека да се повлекува: одбива покани, одговара со кратки пораки, се појавува сè поретко на заеднички моменти. Иако формално пријателството постои, енергијата и блискоста се разредуваат, сè додека едниот не сфати дека другата страна одамна заминала емоционално. И тука важи истото правило - молкот е полесен од искреноста, но со тек на време го поткопува она што некогаш било силна врска.

Бенксирање е само уште еден термин, но и огледало на една генерациска навика. И, сакале тие или не - уште еден пример каде што новава генерација мора по секоја цена да именува и да даде етикета на нешто. Ама реално, и вие што не сте Џен Зи, можете ли со самодоверба да тврдите дека не сте го направиле ова, или вам не ви го направиле, или сте сведочеле?

25 септември 2025 - 08:50