1968-ма е. Џенис Џоплин има 25 години. На сцената е само една година но веќе е најпопуларна бела пејачка на блуз за тоа време. Ја интервјуира пионерот на радијскиот медиум, Стадс Теркел (инаку историчар), човекот кој беше диџеј пред воопшто да постои тој термин. Интервјуто го ископа драгоцената Бугарка Марија Попова на нејзиниот сајт BrаinPickings.
Теркел вели:
Во времето кога разговаравме, имав резерви за Џенис Џоплин како блуз пејачка, но гледајќи ја на сцена неа и моќниот животински квалитет кој го поседува, јасно е зошто ја сакаат.
За влијанијата врз нејзината музика, Џоплин ги спомнува госпел легендите Махалија Џексон и Биг Мамам Торнтон, но пред сите, Беси Смит.
Просто, се заљубив во неа. Знаете како деца слушаат радио. Јас никогаш не слушав радио, никогаш не влегов во таа рокенрол шема. Слушав само блуз. Звучеше вистински и реално, другото ми се чинеше малку лигаво, незрело. Од прва тоа стана моја музика.
Теркел ја закачува Џоплин со мислењето дека белци не можат да пеат блуз. Таа возвраќа дека уметноста не може никого да исклучува.
Домаќинка од Небраска може да пее блуз. Секој може да пее блуз. Сè што ти треба е да имаш грло. Емоциите секој ги има во себе, само треба да имаш капацитет нив да ги трансформираш во музика. Сите ги имаат тие работи во себе, само треба да знаат што да прават со нив. Или ги потиснуваш или ги користиш. Јас се чувствувам подобро откако пеам.
За нејзините родители и нивниот однос кон она што таа го прави:
Татко ми го сакаше Бах. Ми рече дека не може да влезе во мојата музика. Ми рече: "Сигурен сум дека е добро она што го правиш. Гледам на младите им се допаѓа ама јас не би можел да застанам зад тоа". Тоа беше великодушно од него, можеше да ми каже и дека она што го правам е лошо. А мајка ми викаше: "Зошто мора да пееш толку гласно, па ти имаш толку прекрасен глас, Џенис." Таа тоа не го разбираше.
Своето кредо и сиот отпор кон меинстрим културата Џоплин го срочува на луцидната забелешка на Теркел дека дотогаш, кога се мислело за убавина, се замислувале млади девојки и убави песни.
Тоа е многу валидна поента. Повеќето женски вокали држеа до својата женственост. А јас мислам дека не можеш да пееш блуз а да се бланшираш во платинеста плавуша и да сакаш да изгледаш како чирлидерка. Треба нешто друго да имаш. Да мислиш, чувствуваш и делуваш похрабро. А повеќето риби не го прават тоа. Имам сестра таква. Не сака да биде никако поинаква. Што е ок, ок е за неа, за мене не е. Јас мора да го терам моето и затоа сум ваква.