“Љубовно бомбардирање” ќе ви звучи глупо, ама и многу познато

Го знаете, ама терминот е нов. Тоа е онаа цела процедура на запознавање со некој ултра–забавен и посветен, поминување еден краток ама интензивен период, за на крај да заврши со – ништо.

Според психијатарот Дејл Арчер, обично се случува со краткорочни романси, каде што едниот партнер влијае на другиот со внимание, љубов, подароци и ветувања за иднината.

Работите се движат многу брзо, а самото чувство кај “жртвата” е многу моќно – забораваш на било какви сомнежи и се заљубуваш преку глава.

Ова не остава многу простор жртвата да процени дали е манипулирана или да разгледа дали личноста од карши е искрена – особено ако контактот е чест, со повици, пораки и слично. Полека, жртвата станува зависна од “предаторот”, кој е често нарцисоидна личност или социопат.

“Медениот месец” не трае долго и само што ќе покажеш блага незаинтересираност, или на пример, во моментот имаш друг приоритет, предаторот го открива вистинското лице.

За Psychology Today, Арчер го изјавува следното: “Ако екстравагантното покажување љубов трае до недоглед, ако делата се совпаѓаат со зборовите, ако не опаѓа степенот на приврзаност, тогаш, најверојатно не е “љубовно бомбардирање”.

“Од друга страна, пак, ако има јасна промена во типот на внимание, од пријатно во контролирачко и луто, пропратено со неразумни барања, тогаш треба да ви биде јасно.”

“Важно е да се запамти дека љубовното бомбардирање како појава е еден вид психолошка злоупотреба и точка. Кога една личност намерно манипулира и ги експлоатира слабостите и несигурностите на другата, нема друга дефиниција.”

Арчер објаснува дека здравите врски се градат бавно и паровите треба да ги оддржуваат и врските со пријателите и семејствата.

Џо Пјер, професор по психијатрија на УЦЛА за истиот медиум пишува зошто луѓето би паднале на ваков тип на човек.

Објаснува дека нарцисоидните личности се атрактивни поради големата самодоверба, амбициозност и самостојност. Пишува: “Кога се работи за бирање партнер, поприлагодливите аспекти на нарцизмот често ги грешиме како посакувани карактеристики.”

“Всушност, нарцизмот е комплицирана карактеристика која вклучува аспекти кои се алтернативно прилагодливи (самостојност, индивидуалност, самодоверба, желба за водење и амбиција) и потенцијално деструктивни (ароганција, чувство дека сè ти следува, суета, недостаток на емпатија и тенденција за експлоатирање и манипулација со други), со тоа што сите овие карактеристики често коегзистираат во една иста личност.”

Во превод, ама ич не ви е паметно да се бавите со таков цреп, без разлика дали е машки или женски.

17 август 2017 - 15:38