
Во Лос Анџелес, ресторанот Гвен што има и Мишелин ѕвезда, нуди посебно мени со повеќе од десетина видови вода. Описите звучат како винска карта: детално наведено потекло, состав и ноти - „солена и комплексна“, „мазна и полна“, „со лесна минералност“. Цените се движат од 11 до 13 долари за шише, а обична чешмовача гордо се нуди за нула долари.
Зад оваа идеја стои Мартин Ризе, самопрогласен сомелиер за вода, кој тврди дека рестораните годишно заработуваат и до 100.000 долари само од продажба на различни води. За него, дегустацијата на вода е исто толку софистицирана како дегустацијата на вино. Водата со висока концентрација на минерали има побогат, покисел вкус и се комбинира со масни јадења како стек, додека „посувите“ води со низок минерален состав се идеални за салати и морска храна.
До кај сме со метеорот?
Некои од шишињата доаѓаат со легенди. На Австралиската Three Bays, на пример, ѝ требаат две илјади години за да помине низ почвените слоеви пред да стигне до изворот. Канадската Berg Water, која се служи во ресторан во Вирџинија по цена од 95 долари, потекнува од глечер во Њуфаундленд и, според описот, има вкус на „пакуван снег и воздух од пред 15.000 години“.

Феноменот не е ограничен само на Америка, замислете. Во Шпанија, ресторанот O Lar do Leitón во Галисија има најголемо мени за вода во светот - над 150 видови од 33 земји. Во Европа, Италија, Данска и Велика Британија, неколку елитни ресторани веќе нудат „аква дегустации“, а експертите велат дека бројот на заинтересирани расте.
Сомелиерите за вода нагласуваат дека концептот не е само тренд, туку реакција на поширока промена во навиките. Како што сè повеќе луѓе се откажуваат од алкохол, се појавува побарувачка за пијалаци што нудат комплексност без последици. Во тој контекст, водата станува „новото шампањско“ - чиста, внимателно избрана и со приказна.
Се разбира, не сите се воодушевени, поточно - се разбира дека има луѓе што гледаат и преку овој гломазен булшит. Сепак, сè додека има „гурмани“ што гледаат „нов начин да се доживее вкусот на оброкот“, или такви како Ризе што вели дека ако не е чудно да бираш вотка, зошто би било чудно да бираш и вода, секојдневно ќе се раѓаат вакви екскурзии од здрава памет.