Ви текнало некогаш дека „Mишелин“ и „ресторани“ се сепак чуден спој?

Ако да, тогаш тоа е затоа што е стварно така и затоа што начинот на кој конечно дошле во иста реченица е бизарен. 

Денес ако имаш ресторан, врвот што можеш да го достигнеш е Мишелин ѕвезда. А, не знаат сите дека приказната воопшто не почнува во кујна, туку во гаража.

Во 1900 година, браќата Андре и Едуар Мишелин, основачи на француската компанија за гуми, имале сосема практична цел: да ги натераат возачите да патуваат повеќе, за да трошат гуми побрзо. За таа цел создале водич за патување, бесплатен при купување гуми, кој содржел мапи, упатства за поправка на автомобил, бензински станици и - еве го ѓаволот - список на добри места за јадење и престој.

Првиот Michelin Guide бил далеку од луксузен. Содржел информации за механичари и хотели погодни за патници со автомобили. Но, со растот на туризмот меѓу богатите Французи, вниманието постепено се насочило кон ресторани и гастрономија.

Во 1926 година, во водичот вовеле систем на ѕвезди за да го оценат квалитетот на кујната. Една ѕвезда означувала „многу добар ресторан во својата категорија“, две ѕвезди - „одлична кујна што особено вреди да се посети“, а три ѕвезди - „исклучителна кујна што заслужува патување специјално за неа“.

Оценувањето било доверено на тајни инспектори, чии идентитети никогаш не се откриваат. Тие плаќаат како обични гости и ги оценуваат храната, техниката, свежината, конзистентноста и атмосферата. Принципот е едноставен, но строг: ѕвездите се даваат за квалитетот на кујната, не за луксузот на ентериерот.

Како поминуваат годините, Мишелин-водичот се шири надвор од Франција, најпрво во Европа, а потоа и во САД, Азија и Блискиот Исток. Денес постојат изданија за десетици земји, а добивањето или губењето ѕвезда може драматично да го промени животот на еден готвач или цел ресторан.

Сè ова само затоа што едни браќа сакале полесно да продаваат гуми. Треба да ти текне.

Патем, еве какви ресторани добиваат Мишелин-ѕвезди.

17 октомври 2025 - 00:00