Му лајкаш на Инстаграм, му ставаш срциња на Твитер и му гледаш видеа на Снапчат. Во ера кога луѓето константно се следат меѓу себе, може да ви се види како искушение да проверите што прави некој бивш, или некој мувач на социјални мрежи, но фактот останува - орбитирањето ама ич не ви е паметно затоа што праќа многу јасна порака. И понекогаш, таа порака може да им биде многу непријатна на луѓето.
Се разбира, има исклучоци - ако уште се дружите или ако сте раскинале многу одамна, тогаш нема ништо лошо во повремен клик.
Но, ако прекинот на контактите е свеж, или не сте ни биле заедно, ама нагло сте престанале да комуницирате, па уште ако има чувства сѐ уште, орбитирањето може да има збунувачки и фрустрирачки импликации.
Да, искушението постои да ѕирнеш во сторито на бившиот или да фејвнеш твит за да му покажеш дека уште те има и дека уште ти е симпатија, но истовремено според биолози и антрополози дознаваме дека и зависност се создава.
А човекот на другата страна може поинаку да го интерпретира твоето однесување. Откако ќе заврши врската, секогаш има неодговорени прашања, па лајкот може да се протолкува како „уште ме има, достапен/достапна сум, може дури и сакам да се смириме.“
Што да правите ако орбитирате?
Ако вам ви раскинале и орбитирате околу бившиот партнер затоа што ви недостасува и сакате да се смирите, гасете телефонот одма.
„Морате да избришете од пријатели, да отследите комплетно,“ вели клиничкиот психолог Венди Волш. „Кога објавуваме на социјални мрежи, ги објавуваме најдобрите слики од нас каде што ни е најзабавно. И секогаш кога ќе го видите тоа, повторно ќе бидете повредени. Ќе ви биде потешко да преболите.“
Ако вие сте тие што раскинале, важи истиот совет, особено ако го чувате човекот како резерва. Волш вели,
„Да имаш резерва не е секогаш добро. За да избегнеш да го збуниш поранешниот партнер или да го повредиш, треба барем да го мјутнеш неколку месеци и да избегнуваш интеракција со неговата содржина, ако веќе бришењето од листа на пријатели или отследувањето ти е премногу драстичен чекор.“
Како се справува со орбитирачи?
Ако навистина ви пречи, отстранете или блокирајте; ако е повремен лајк или фејв, освен ако не сте заинтересирани да обновите контакт или да се смирите, не враќајте со иста мера.
„Не можеме на другите луѓе да им наметнеме граници за било што,“ вели Волш. „Граници можеме да ставиме само кај себе.“