Истражување на Институтот Макс Планк во Берлин открива дека честото користење на генеративни јазични модели како ЧатГПТ влијае врз говорниот јазик на корисниците. Според податоците, луѓето кои редовно користат вакви алатки не само што позајмуваат одредени зборови и фрази во своето пишување, туку тие зборови сè почесто се пренесуваат и во секојдневниот говор.
Феноменот се нарекува јазична мимикрија и, според истражувањето, најмногу се однесува на зборови кои честопати се појавуваат во текстови генерирани од ВИ - како „навлегувам“ (delve), „подвлекувам“ (underscore), „сложен“ (intricate), „темелен“ (meticulous) и слични. Овие зборови биле користени како показатели во анализата, бидејќи нивната зачестена употреба често се поврзува со автоматски генерирана содржина.
Истражувачите забележале дека колку повеќе некој користи генеративна ВИ за пишување, толку поголема е веројатноста тие лексички обрасци да се прелеат и во говорната комуникација. Луѓето просто почнуваат да зборуваат како текстови напишани од ВИ, користејќи стилови и конструкции што обично не се дел од секојдневниот разговор.
Овој ефект не е без преседан. Историјата покажува дека дигиталните технологии веќе имаат влијание врз говорниот јазик - на пример, преку сленгот од чат-културата (ЛОЛ!) или изрази поттикнати од социјалните мрежи (како употребата на „хаштаг“ во говорен контекст). Но, разликата со генеративната ВИ е во степенот на формалност и структура. Наместо неформални кратенки, сега се усвојуваат зборови и конструкции кои звучат поакадемски или административно, со што се менува и ритамот и тонот на разговорот.
Авторите на извештајот забележуваат дека оваа промена не мора да биде негативна, и стварно, толку ли е лошо? Може ќе се најдеме во ситуација каде што луѓето ќе почнат да користат зборови и конструкции што претходно не прочитале доволно книги за да ги знаат, а и ќе ги разбираат. Сепак, појавата носи потенцијални импликации за природноста на комуникацијата, автентичноста на изразот и лингвистичката разновидност. Со други зборови, ако луѓето сè повеќе зборуваат како алгоритам, постои ризик од губење на индивидуалниот глас и стил.
Реално, не можеме баш со леснотија да замислиме дека кај нас тоа така брзо ќе дојде, ама па, што знаеш.
Генеративната ВИ и понатаму продолжува да навлегува во - ако не сите, тогаш - многу сфери во општеството, и се поставува прашањето, кога, и дали ќе почне да си ја јаде опашката?