ЧетГПТ засекогаш го загади интернетот

Моделите на вештачка интелигенција се обучуваат од податоци кои ги има на интернет. Меѓутоа, откако експлодираа моделите на вештачка интлигенција, тие самите создадоа и оставија на интернет куп содржини и информации. Подоцна, истите модели сè повеќе се хранат со податоци кои самите ги произвеле, што со текот на времето може да доведе до колапс, односно автофагија на моделите на вештачка интелигенција. 

За истражувачите на вештачка интелигенција, лансирањето на ЧетГПТ на ОпенАИ на 30 ноември 2022 година го промени светот на начин сличен на детонацијата на првата атомска бомба.

Тестот Тринити во Ново Мексико на 16 јули 1945 година, го означи почетокот на атомската ера. Една манифестација на тој момент беше контаминацијата на металите произведени после тој датум.

Кратко по дебито на ЧетГПТ, експертите почнаа да се прашуваат дали  експлозијата на моделите со вештачка интелигенција не создаде слична контаминација.

Нивната загриженост е дека моделите на вештачка интелигенција се обучуваат со синтетички податоци создадени од модели на вештачка интелигенција. Затоа, следните генерации на модели може да стануваат сè помалку сигурни, додека не се дојде до колапс на моделите на вештачка интелигенција, кој некои го нарекуваат автофагија на моделите.

Лани во декември, професори од неколку универзитети ја повторија загриженоста за колапсот на моделите; тврдат дека на светот му се потребни извори на чисти податоци.

Поради ова, постои еден интересен феномен дека ако собирате податоци пред 2022 година, може да сте прилично сигурни дека во нив има минимална, ако воопшто има, контаминација од генеративна вештачка интелигенција.“ Сè пред датумот е „безбедно, добро, чисто“, сè после тоа е „валкано“ затоа што моделите се хранат со сопствениот излез.

Притоа, речиси е невозможно да го исчистиме еко-системот на вештачката интелигенција. Можно е да се наметне етикетирање на содржината со вештачка интелигенција, но тешко е да се етикетира текст и многу лесно да се исчисти водениот печат.

20 јуни 2025 - 19:36