Мелатонин: хормон на спиењето што стана тренд

Последниве години мелатонинот од тивок биолошки регулатор стана еден од најбараните додатоци на пазарот. Во аптеките лесно достапен без рецепт, а на интернет претставен како брзо решение за несоница, овој хормон често се рекламира како нешто чудотворно. Но што навистина може (а што не) да направи мелатонинот за нашето спиење?

Мелатонинот е хормон кој мозокот го лачи во согласност со циклусот ден-ноќ. Нивото му расте навечер и го подготвува телото за одмор, а наутро се намалува за да му овозможи на организмот да се разбуди. Така тој е суштински дел од внатрешниот биолошки часовник, одговорен за ритамот на спиење и будење.

Во своја комерцијална форма, мелатонинот најчесто се нуди во дози од 1 до 10 милиграми. Некои производители го комбинираат со камилица или валеријана, во обид да ја засилат релаксирачката функција. Медицинските институции советуваат внимателна употреба и консултација со лекар, особено кај луѓе кои веќе земаат други лекови.

Кога е оправдана употребата?
Истражувањата укажуваат дека мелатонинот е најкорисен при нарушен биолошки ритам: патувања со големи временски разлики, работа во ноќни смени или краткотрајни проблеми со спиењето предизвикани од стрес. Во такви околности може да помогне во „рестартирање“ на телесниот часовник.

Кога не е решение:
За хронична несоница и посериозни нарушувања на спиењето мелатонинот ретко носи траен ефект. Johns Hopkins Medicine предупредува дека ако по една до две недели нема подобрување, продолжување на употребата е бесцелно. Дополнително, експертите потсетуваат дека мелатонинот делува како „хронобиотик“ - супстанца што го поместува биоритамот - но не е класичен седатив кој гарантира сон.

Секоја таблета има смисла само ако оди во пакет со основна хигиена на спиењето: ограничување на екрани пред легнување, пријатна температура во просторијата и утринска рутина со доволно дневна светлина. Без овие практики, мелатонинот лесно се претвора во уште еден неуспешен експеримент против несоницата. Може да биде корисна алатка - но не и чудотворен лек, туку нуди привремена помош во специфични ситуации, а клучот за квалитетен сон сепак останува во комбинацијата на дисциплина, здрави навики и, кога е потребно, стручна медицинска поддршка.

1 септември 2025 - 00:00