
Меѓу 1563 и 1736, илјадници луѓе биле погубени под новиот закон, донесен за да се појача на побожност и да се осуди секој што шурува со ѓаволот. Гинеле секакви, ама најчесто, како по обичај - жени.
Новиот тартан во нивна чест е сега официјално регистриран во Шкотскиот регистар на тартани и наскоро ќе се користи за килтови и облека.
Креатори се Клер Мичел и Зои Вендитоци, кои ја имаат основано и кампањата Witches of Scotland во 2020. Двете жени и нивните поддржувачи бараа официјално помилување, извинување и национален споменик во чест на сите обвинети и осудени за вештерство за време на 173-годишното важење на законот.
Досега имат постигнато извинување од првата министерка Никола Стурџен во 2022, а се извинила и Шкотската црква за историската улога во „ловот“.
Мичел и Вендитоци прво сакале да изградат физички споменик и разгледувале слични - ги има во Салем во Масачусетс и во северна Норвешка.
Сепак, не можеле да одлучат каде би се поставил, ниту од каде би нашле средства. И кога посетиле изложба на тартани, ја добиле идејата - зошто да не создадат тартан што ќе ги слави гонетите за вештерство?
Тартанот е инаку дизајн што се создава со ткаење на барем две различни ленти во боја, според официјалниот регистар. Линиите се ткаени вертикално и хоризонтално и создаваат шема во квадратчиња слична на карирано. Во Шкотска, тартаните се поврзуваат со кланови и семејства, иако секој може да смисли свој тартан и да го регистрира кај Шкотската влада.
Двете жени се здружиле со Клер Кембел која работи со тартани во селото Евантон во Шкотска и дизајнот што го избрале тежи од симболика.
Црното и сивото се самите мрачни времиња и пепелта на изгорените. Црвеното е крвта на жртвите, а розевото се лентите со кои се врзувале правни документи и тогаш и сега.
Дури и бројот на конци е значаен - големите црни квадрати се составени од 173 нишки - бројот на години колку што важел законот. Потенките линии имаат или 15 или 17 нишки, што е збир од бројките во годината кога законот бил имплементиран - 1563; и збир од бројките кога го повлекле - 1736. Црвените и розевите се повторуваат по три пати, што е симбол на трите цели на кампањата Вештерките на Шкотска.
Тартанот ќе се ткае за да се создаваат производи што ќе градат жив споменик.
Законот за вештерство почнал да се применува во 1563, три години откако парламентот ја прогласил државата за протестантска. Бил краток и содржел малку детали околу тоа што се смета за вештерство, маѓепсништво и некромантика. Сепак, низ цела Шкотска, луѓе почнале да си ги обвинуваат пријателите, соседите и роднините. Во многу случаи се носел и „проверувач“ што ги прегледувал „вештерките“ за „ознаки на ѓаволот“ - бемки, лузни, белези од раѓање и други работи што буквално секој човек ги има на себе.
Обвинетите често физички ги мачеле и ги оставале без сон. Прво ги давеле, па ги палеле, а „само многу мал број“ биле запалени живи, според историски документи.
Околу 2500 Шкоти биле убиени, од кои 85 биле жени според Универзитетот во Единбург. Последното погубување било во 1727 и законот е повлечен 1736.