„Сѐ е материјал“:

Како Нора Ефрон од распаднат брак создаде филмска историја

Во август 1979 година, во тивките улици на Џорџтаун во Вашингтон, една приватна сцена од брак ќе се претвори во културен момент што ќе ја обележи поп-културата на следните децении. И започнува кога Нора Ефрон, авторката на „Кога Хари ја сретна Сали“ и „Бессони во Сиетл“ ќе дознае дека сопругот ја изневерува.

Нора Ефрон била во седмиот месец од бременоста кога, движејќи се низ својот дом, забележала детска книга што не била наменета за нејзиниот син. Била подарок за нејзиниот сопруг.

Од друга жена.

Во внатрешноста имало рачно напишана посвета, интимна и недвосмислена и доволна да растури еден брак.

Сопругот на Нора Ефрон е инаку Карл Бернстин, новинар кој заедно со колеги помогнал да се разоткрие аферата „Вотергејт“. Жената со која имал афера била Маргарет Џеј, ќерка на поранешниот британски премиер Џејмс Калаган и сопруга на британскиот амбасадор во САД. Во политичките кругови на Вашингтон одамна се слушала приказната, луѓето тајно се погледнувале меѓу себе на официјални вечери, ама како што бива, „жената последна дознава“.

Ефрон се пакува, така трудна, си го носи и првото дете во Њујорк (кој секако вели дека ѝ фалел) и оди на терапија, каде што, нормално, се жали дека „срцето ми е скршено и веќе никогаш нема да бидам иста.“

Кога во декември истата година аферата станала јавна, она што било приватна болка се претворило во скандал. И наместо да се повлече во тишина, Нора направила нешто што подоцна ќе стане нејзин заштитен знак: Ја претвора болката во приказна.

Во 1983 година го објавува романот Heartburn - дело толку тенко маскирано како фикција што немало човек од џорџтаунската политичка елита што не знаел за што станува збор. Главната хероина, Рејчел, е авторка на готвачки книги, во седмиот месец од бременоста кога открива дека сопругот има афера. Имињата се сменети, но деталите речиси и да не се.

Романот е оценет како духовит, самоироничен и бескомпромисно искрен. Помеѓу рецептите и саркастичните дијалози, Ефрон поставува една клучна теза: „Ако јас ја раскажам приказната, јас ја контролирам.“

Книгата станува бестселер, а во 1986 година беше екранизирана во филмот Heartburn, со Мерил Стрип и Џек Николсон во главните улоги, во режија на Мајк Николс.

Сега, жената која јавно го документираше предавството што ѝ беше направено, станува синоним за романтична комедија. Во 1989 година го пишува сценариото за When Harry Met Sally - филм што редефинираше како може да се одвива една филмска љубовна приказна. Потоа доаѓаат Sleepless in Seattle и You've Got Mail, филмови што ја обликуваа романтичната естетика на 90-тите и ја направија Ефрон една од највлијателните авторки во Холивуд.

Во 1987 година се омажи за сценаристот Николас Пилеги и бракот трае до нејзината смрт, далеку од таблоидни наслови и политички интриги. Кога почина во 2012 година, на 71-годишна возраст, по битка со леукемија, нејзиниот помен обедини имиња од светот на филмот и новинарството. Меѓу присутните бил и Бернстин.

Нејзиниот син подоцна го режираше документарецот Everything Is Copy - наслов преземен од фразата што Нора често ја повторувала: „Сè е материјал.“ Секое разочарување, секоја брука, секоја љубов - сè може да стане текст.

И можеби тука лежи ѓаволот - не можеш да исконтролираш кој ќе те повреди, ама можеш да избереш како ќе ја раскажуваш приказната.

3 март 2026 - 10:11