Вилијам Батлер Јејтс и жените на неговиот живот

Во Стокхолм, 1923 година, Вилијам Батлер Јејтс стои пред Шведската академија и ја прима Нобеловата награда за литература, со тоа станувајќи првиот Ирец со таква чест. Комисијата ја фали неговата „инспирирана поезија која го изразува духот на цела една нација“, но она што не го спомнуваат (или не го знаат) е дека голем дел од таа поезија е посветена на жена што му мавала корпи цели 34 години.

Приказната започнува во 1889 година. Јејтс има 23 години и е амбициозен поет од уметничко семејство во Даблин. Детството го дели меѓу градски живот и мистични пејсажи на округот Слиго начичкан со древни рушевини и келтски фолклор.

Во еден момент ја запознава 22-годишната Мод Гон - политички радикална, интелектуално моќна и подготвена на насилна револуција ако е потребно, за да ја ослободи Ирска од британска власт.

Јејтс ѝ предлага брак речиси веднаш.
Таа го одбива речиси исто толку брзо.

Овде би требало да биде крајот, а всушност е само почеток. Во следната деценија, Јејтс ја гради својата книжевна репутација, додека истовремено ѝ предлага брак на Мод на секои неколку години, и секој пат го одбива со „имам политички активизам за терање“ или „бракот би ми одвлекувал внимание,“ или „сакам да бидеме другари“ (и последново стварно, само што повеќе звучело како „премногу го ценам нашето пријателство“).

Јејтс продолжува да ѝ пишува песни, меѓу кои When You Are Old, што практично сака да каже „Кога ќе бидеш стара ќе ти биде криво што ме одби.“

„But one man loved the pilgrim soul in you,
And loved the sorrows of your changing face.“

Или, може другите те сакале површно, јас ти ја сакав душата.

Прекрасно е и малку емотивно манипулативно.

Може и ја налутило тоа, затоа што во 1903, Мод, на која нели, не ѝ беше до мажење, се мажи за револуционерот Џон Мекбрајд кој се борел против Британците во Јужна Африка, што значи дека не одбивала брак, туку одбивала брак со Јејтс.

Наместо да прифати пораз, ја пишува „No Second Troy“, споредувајќи ја со Елена Тројанска и прашувајќи се зошто толку извонредна жена мора да постои во време недостојно за неа. Самосожалувањето е огромно.

Додека го лечи скршеното срце, Јејтс истовремено гради културни институции што постојат и денес. Во 1904 година станува ко-основач на Abbey Theatre, денес национален театар на Ирска. Ги поддржува ирските драматурзи, развива сопствени мистични филозофски системи и пишува есеи во кои тврди дека Ирска мора да има сопствена книжевна традиција, одвоена од англиската.

По независноста, станува сенатор во новата држава.

Страдањето од невозвратена љубов ја хранело неговата поезија, поезијата му донела репутација, а репутацијата му дала можност да влијае на ирската култура.

Бракот на Мод со Мекбрајд се распаѓа за неколку години - Мекбрајд бил насилен. Не можеле да се разведат затоа што во католичка Ирска тоа не било можно, но во 1916 Британците го погубуваат поради улогата во Велигденскиот бунт, што значи - Мод е конечно слободна.

Се разбира, Јејтс пак доаѓа со бракот, и Мод пак го одбива. Тој има педесет и кусур години и веќе е светски познат и тука веќе се поставува прашањето дали бил зависен од неа, или од нејзиното одбивање?

Во 1917 година има ново: На 52 години, Јејтс се жени со 25-годишната Џорџи Хајд-Лис. Многумина мислеле дека тоа е тажна утеха - славен поет кој се „смирува“ со млада обожавателка по децении бркање невозможен сон.

Никој не очекувал што ќе следи: Јејтс станува вистински среќен.

Четири дена по свадбата, Џорџи започнува со автоматско пишување - пренесување пораки од духови додека е во транс. Без разлика дали било реално или не, Јејтс бил целосно фасциниран и години поминале во тие сесии. Материјалот ја обликувал неговата подоцнежна работа, вклучително и мистичната книга A Vision. Добиле две деца, патувале и изградиле вистинско партнерство. Џорџи му дала нешто што го немал во 30-те години опсесија со Мод: возвратена љубов, интелектуална соработка и домашна стабилност. Не инспирирала мачна поезија за недостижна убавина, туку функционален брак во кој двајца луѓе навистина се сакале и си се допаѓале.

Излегло дека тоа е некако попаметно и подобро, макар што не е драматично.

Јејтс умира во Франција во 1939 година, на 73 години. Подоцна неговото тело е пренесено во округот Слиго, кај пејзажот што ја обликувал неговата имагинација. Неговата сопствена епитафна порака гласи:

„Cast a cold eye
On life, on death.
Horseman, pass by!“

Мод Гон го надживува за 14 години и умира во 1953 година. Никогаш јавно не изразила жалење што го одбила. Сметала дека биле подобри како пријатели и уметнички соработници отколку што би биле како сопружници.

И веројатно била во право.

Животот на Јејтс покажува нешто едноставно: страдањето што создава голема уметност и задоволството што создава добар живот често се неспоиви. Децениите одбивање создале поезија што му ја носи Нобеловата награда и се изучува низ светот. Бракот со Џорџи му донел среќа, партнерство, деца и две децении продуктивна работа. Повеќето биографии се фокусираат на првиот дел, затоа што е подраматичен, но Јејтс ги поминал последните 22 години не во трагично копнеење, туку во соработка со сопругата, во растење деца, во служба на државата и во пишување од искуство, наместо од страдање.

2 март 2026 - 11:38