Пак не им се погоди Burning Man

Burning Man 2025 започна со песочна бура: Не само што им ги разнесе шаторите и уметничките инсталации, туку ги разбуди и најдлабоките контроверзи околу фестивалот.

Burning Man е еден од најконтроверзните и најдискутирани настани во светот. Од една страна е симбол на слобода, уметност и заедничка работа; од друга страна, многумина го гледаат како место каде се собираат Линкедин-типови кои доаѓаат да се фотографираат, да се начукаат и да се однесуваат како да се на некој екстремен ретрит.

Фестивалот започнува во 1986 година како мал настан на Бејкер Бич во Сан Франциско, организиран од Лари Харви и Џери Џејмс. Денес се одржува во пустината Блек Рок во Невада, САД, и привлекува над 70.000 учесници. Основните принципи на Burning Man вклучуваат радикална инклузивност, дарување, самоодржливост, самоизразување, заеднички напор, граѓанска одговорност и неоставање траги.

Како што настанот расте, така растат и критиките. Некои го опишуваат како „огромна забава за богати белци“, а поранешниот ко-основач Џон Ло, кој бил дел од раните години на фестивалот, изразил разочарување што се претворил во простор за богаташи и туристи. Покрај тоа, постојат извештаи за незаконски активности, вклучувајќи дрога и сексуални инциденти. На пример, полицијата во Невада запленила значителни количини дрога - ЛСД, хероин, екстази и други што требало да стигнат до фестивалот.

На социјалните мрежи и форуми, често се опишува како „фестивал за богати луѓе кои се облекуваат и се однесуваат чудно“. Едни го гледаат како место за самоизразување, други го критикуваат за површност и комерцијализација. Секако е комплексен феномен кој комбинира уметност, заедничка работа и контроверзи.

Во саботата, 23 август, силни ветрови од над 80 км/ч го погодија фестивалот, уништувајќи делови од кампувачките простори и уметничките инсталации. Меѓу најпознатите жртви на бурата беше Orgy Dome - приватен, климатизиран простор за сексуално образование и изразување, кој работи од 2003 година.Организаторите објавија дека на структурата ѝ нема спас, но побараа помош од заедницата за обновување. Во исто време, влезовите во Блек Рок Сити беа затворени, а пристигнувањето на учесниците беше одложено до осум часа.

Потоа, во понеделникот, 25 август, силни дождови и грмотевици го погодија регионот, принудувајќи ги организаторите повторно да ги затворат вратите и да ги советуваат учесниците да останат во своите кампови поради опасноста од поплави и лизгање.

Не е ни прв пат - во 2023 година, обилни дождови го претворија фестивалот во калливо мочуриште.

Ај, ќе им помине.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Diet Prada ™ (@diet_prada)

27 август 2025 - 12:58