Писмо за Лулу

Повремено, на Фејсбук ќе се појават едноставни, а прекрасни детали од нечиј живот, поттикнати од навидум обични работи. Овој пат, LouLou од Cacharel.

Парфемот е еден од најсилните евокатори на спомените. Овој, ЛуЛу од Кашарел конкретно, непланирано, болно и убаво ме врати две третини од животот во минатото. Ми беше прв „вистински“ парфем, пред него имав еден добиен на подарок од тетка ми од Германија, младешки, се викаше Мај Мелоди и го чував како вредна драгоценост.

Беше тоа време на поранешна Југославија, се сеќавам на прекрасните реклами за мирисот на Сапонија Осијек, се викаше Romantic Whisper, на ТВ Загреб. Мајка ми веројатно имаше некој сличен на тој, но дома најмногу се трошеа дезодоранси. На пазарот имаше неколку видови.

И тогаш, од мојата младешка симпатија го добив Лулу на подарок. Кутијата со парфем и парфемска крема беше купена во Италија. Мислев дека ништо на светов не може да мириса поубаво. Едвај го трошев тоа богатство, тоа свето масло. Со капка-две ќе намирисав писмо. Тогаш уште се праќаа хартиени писма. Те добив тебе, Лулу бејбе.

Твојот мирис, на кој случајно наидов после толку време, во истиот момент ме катапултираше во минатото, во мојата рана младост. Кога бев ни дете, ни жена. Сакав да студирам книжевност, но во Сплит немаше, а Загреб беше толку скап и далечен.

Немаше ни италијански, ни историја на уметност ни Филозофски факултет во мојот град. Дипломирав на крај на Ликовна култура, педагошка насока.

Сонував куќичка меѓу цвеќе, две или три деца, и маж и сопствена градина. Паралелно мечтаев за научна кариера, истражување на уметничко наследство, планирав да бидам книжевник, можеби и новинар. Да ги прочитам најдобрите книги, многу книги.

Сакав да го пропатувам светот, да видам убави места, барем некогаш. Тоа беа некои од соништата, а реалноста излезе - како што бива - нешто поинаква и тоа не само со факултетот.

Наместо куќичка со цвеќе, имам станче кое го купив со станбен кредит, сама. Немам маж, ни три деца, но мајка сум на еден добар дечко. Сме имале и тешки и прекрасни денови, ние двајца - семејство. Среќни сме.

Не развив научна кариера, но станав новинарка. Книжевник (сè уште) не.

Ги искусив сите непријатности на таканаречениот еманципиран живот, многу години без поддршка од партнер. Тоа не ми беше девојчинскиот сон, но немав време да се самосожалувам. Сепак, бев здрава и обдарена со нешта што ги нема секој. Дете е едно од тие.

Наместо градина, на балконот имам насадено зачински билки, секогаш барем босилек и нане за колачи. Повремено ги правам, знаеш, моја Лулу, пријателке стара.

Не го ни обиколив светот, но секогаш кога ќе присоберам пари, јас и малиот уплаќаме некое евтино патување. На секое му се радуваме како да одиме на друга планета!

Многу читам книги, тој дел ми излезе одлично. Да имам повеќе време и повеќе би читала. Некогаш ми се чинеше дека само читањето ме спасува да не полудам од грижи. Книгите имаат прекрасна особина да те телепортираат надвор од зоните на реалниот живот, на друго место. Само треба да ја избереш вистинската книга, како некоја таблета.

Лулу, те купив сама на себе, во тоа шишенце што наликува на скапоцен камен. Мирисаш скоро исто како во она шишенце во кое се претвори во густа смеса. Тогаш стана како карамела затоа што не те трошев, пријателке моја стара. Сега ќе те трошам и со новите спомени ќе ги поттиснам старите затоа што не сакам да паднам во замка на сентименталност. Ме прободе жал за минатото, тоа Мадлен колаче го проголтав, сега одам понатаму.

Треба да се обиколи светот, да се чита, да се пишуваат книги можеби. Љубовта е тука! Никогаш нема да имам три деца, но им се радувам на внуците еден ден. Се радувам и на сè што можеби заедно ќе проживееме.

Сè ова си отклучила кај мене, моја мала Лулу; минато, сегашност и иднина.

А некој неупатен ќе каже дека - парфем…

-Ленка Господнетиќ

5 јули 2024 - 10:55