Нема Холанѓанец без вечни хемикалии во вените

Секој човек во Холандија во својата крв има „вечни хемикалии“, покажа првото национално истражување за контаминацијата со пер- и полифлуороалкили. Највисока била концентрацијата кај оние што живеат близу до хемиските фабрики, но супстанците PFAS што не се разградуваат по природен пат се неизбежни – ги има во почвата, храната и водата низ цела Холандија. 

PFAS е колективен термин за околу 4.000 хемикалии кои не се разградуваат во животната средина. Овие супстанции се користат во производи како што се премази за тави или и водоотпорна облека. Потврдено е дека имаат влијание врз плодноста и поврзани се со низа здравствени проблеми, вклучително и рак.

Холандскиот национален институт за јавно здравје и природа (РИВМ) објаснува дека присуството на опасните супстанции PFAS во крвта кај луѓето не води автоматски до болест, дури и кога концентрацијата го надминува дозволеното ниво. Но, оставаат свои траги врз телото.

Ефектите зависат од количината на PFAS, времетраењето на изложеноста и индивидуалната здравствена состојба на лицето. Имунолошкиот систем, на пример, може да функционира помалку ефикасно, се вели во студијата.

Од 28 анализирани видови на PFAS, седум биле присутни кај скоро сите тестирани. Нивоата биле највисоки во регионите Дордрехт и Вестершелде, поради блиските хемиски фабрики. Независна стручна агенција за истражувања РИВМ тестирала 1.500 примероци од крв земени во 2016 и 2017 година. Резултатите ги потврдиле претходните проценки од 2021 и 2023 година дека Холанѓаните внесуваат премногу PFAS преку храната и водата за пиење. 

Пред неколку месеци здравствените власти им препорачаа на Холанѓаните да престанат да користат јајца произведени во приватни живинарски фарми или од домашни кокошки поради можна контаминација со PFAS. Минатиот јули, владини претставници издадоа построги предупредувања децата да не си играат во морска пена (вистинска) на плажа, бидејќи може да содржи високи концентрации на PFAS.

Хемикалиите се разградуваат бавно, но може да бидат исфрлени од телото. Намалувањето на внесувањето е од суштинско значење за да се врати нивото под здравствениот праг со текот на времето, соопшти РИВМ.

Истражување на Financieele Dagblad и Investico претходно оваа година сугерираше дека чистењето на загадувањето од PFAS во Холандија ќе чини милијарди евра, со оглед на тоа што вечните хемикалии се присутни на 1.000 локации.

Заменик-министерот за животна средина Крис Јансен побара сите видови PFAS да бидат вклучени на официјалниот список „супстанции од многу голема загриженост“.

Компаниите што ги користат овие хемикалии ќе мора да ја минимизираат нивната употреба. Ако не можат целосно да ги елиминираат емисиите, од фирмите ќе се бара да изготвуваат план на секои пет години за да ги намалат, рече Јансен.

Научни комитети на ЕУ моментално разгледуваат предлог за европска забрана на сите PFAS.

4 јули 2025 - 16:42