САД ќе штанцаат милијарди муви против месојадна ларва

За да уништи опасна ларва што се храни со месо од добиток (па и од луѓе) во Тексас и во Мексико, САД ќе градат фабрики во кои ќе бидат одгледани милијарди муви. Ќе ги стерилизираат мажјаците и ќе ги фрлат од авион за да ги истиснат потентните и да ги измамат женките спремни за расплод. Комплицирано е исто како што звучи, но се покажало како најефикасно решение за спас на добитокот.

Тоа е исклучително добра технологија. Историски пример како да се примени науката за да се реши голем проблем, објасува Едвин Бургес од Универзитетот во Флорида, експерт за паразити кај животните. 

Цел за уништување е месојадната ларва на мувата „скруворм“. Повеќето ларви се хранат со месо од мрши, но женките положуваат јајца и во рани на живи животни. 

За две недели може да убијат говедо од половина тон, објаснува Мајкл Бејли од Американското здружение за ветеринарна медицина.

Штетникот лани се појави во јужните делови на Мексико и се префрли кон север. Тоа е сериозна закана за американската индустрија за говедско месо. Алармирани за миграцијата на мувата, САД во мај привремено ја затворија својата јужна граница за увоз на жив добиток, коњи и бизони и нема да ја отворат барем до септември.

Технологијата опфаќа производство на огромен број возрасни машки муви, кои потоа ќе бидат стерилизирани со зрачење и ќе бидат исфрлени за да се парат со женките во дивината. Јајцата што ќе ги положат женките не се оплодуваат и не се изведуваат. Има помалку ларви и со текот на времето популацијата на муви изумира. Ова се покажало поефикасно и еколошки поприфатливо од прскањето со хемикалии.

Во периодот од 1962 до 1975 година САД и Мексико одгледале и пуштиле повеќе од 94 милијарди стерилни муви. Фабриките во Флорида и Тексас биле затворени откако штетникот бил прогласен за искоренет.

До средината на идната година ќе бидат отворени нова фарма за муви во Мексико и дистрибутивен центар во јужен Тексас. Ако тоа не биде доволно, ќе бидат увезувани муви од Панама, чија фабрика има капацитет за одгледување 117 милиони мушички неделно. Министерството за земјоделство на САД смета дека ќе бидат потребни најмалку 400 милиони неделно. Бројките треба да бидат доволно големи за женките во дивината да не можат а да не се поврзат со стерилни мажјаци при единственото парење во нивниот возрасен живот од неколку недели. 

Одгледувањето голема колонија муви е релативно лесно. Фабриките за муви некогаш ги хранеле ларвите со коњско месо и мед, а потоа се префрлиле на мешавина од сушени јајца и мед или меласа. Фабриката во Панама користела мешавина од јајца во прав и говедска крвна плазма.

Поголем проблем е безбедноста, за да не се дозволи бегство на плодните возрасни единки што се чуваат за размножување. Опасно е и распрснувањето на мувите. Пред еден месец се урна авион што ослободувал стерилни муви, при што загинаа три лица. Пред половина век ги испорачувале спакувани во хартиени чаши преку специјални цевки, а потоа во кутии. Методот е сè уште ист.
 

5 јули 2025 - 11:45