Се работи за манипулативна тактика каде што врзуваш некого со тоа што му нудиш само ситни парчиња внимание - едвај доволно за да го држиш блиску до себе, од најсебични причини. На овие „трошки“ се живее како на рестриктивна диета и не се издржува долго.
Проблемот со breadcrumbing е што врската не почнува така, напротив: Партнерот почнува со многу фалење, обожавање, труд и комуникација. Од моментот кога „жртвата“ ќе се почувствува сигурна и безбедна, манипулаторот полека се повлекува и остава чувство на емотивна празнина.
Психолозите велат дека има постепено адаптирање на сè помалку и помалку во врската. Сè што било фино и убаво на почетокот е избледено и магијата на бомбардирањето со љубов е одамна исчезната. Наместо да ја напуштиш врската, почнуваш да се сомневаш во себе, си ги занемаруваш потребите и правиш сè што можеш за одново да ја вратиш конекцијата со човекот. Ова е затоа што фрлањето трошки често оди во комбинација со девалуација.
И ова е постепено.
На пример, човекот што некогаш те слушал посветено, сега ќе те слуша сè помалку и помалку. Партнерот што те носел на дејтови секоја недела, едвај наоѓа време за тебе. А, кога ќе се обидеш да разговараш, ти си лудиот.
Оттаму, ќе се обидеш и да докажуваш дека вредиш - манипулаторот ќе ти стане приоритет, а своите потреби ќе ги занемаруваш, па и жртвуваш големи парчиња живот за него. На крај, завршуваш со толку ниски стандарди, што и минимумот ти е за славење.
Звучи страшно и ако не сте го искусиле, веројатно не ви е јасно колку лесно може човек да се вовлече во ваков магичен круг.
Симптомите се вакви: збунетост, лутина, анксиозност, тага, осаменост, срам и недостаток на самодоверба. Уште еден неочекуван симптом кој една клиника го наведува е и „надеж“, ама не од добриот вид на надеж. Ова е слепо надевање дека манипулаторот ќе стане совршен партнер, само ако уште малку се помалтретираш себеси.
Ова никогаш не функционира, а верзијата од партнерот што сте ја виделе на почетокот не постои. Нема ништо херојско и за восхит во напуштање на сопствените потреби за на некој друг да му биде удобно, особено кога тој друг нешто не се труди околу вас. Трошките не се љубов, туку манипулација, а секој човек вреди многу повеќе од тоа да биде третиран како нечија залиха за валидација.