Ќе нè нормализираат од Латас со... Народен глас?

Латас се чаламел на некој подкаст со сексуални приказни од својата младост, домаќинот на подкастот на тие приказни се смеел како зелка... И еве ни лавина Фејсбук, Твитер осуди, згрозувања, апели за канселирање..... Ајде ние да се позанимаваме со непопуларните страни на оваа приказна.    

Латас го навлече гневот раскажувајќи приказна како на возраст од 14-15 години, некој познат маалски грубијан го натерал да влезе во Фиќо со постара девојка која пред тоа најверојатно била малтретирана. Домаќинот на подкастот се интересираше дали тој идиотот ги шамарал девојките пред или после сексот. Фуј, бљак и слично.

Меѓутоа, на сите кои потрчаа да го осудат стариот Латас, нели им текна дека тој раскажува приказна кога имал 14 или 15 години години? Дека во тој момент Латас бил малолетен што него го прави жртва на принуден сексуален однос (со тоа што подоцна, како што често бива, жртвата го рационализира трауматичниот настан, во случајов го ретушира во „фраерско“ искуство).

Каму одбрана на малолетниот Латас? М? 

Немаме ама баш ништо против оние што лично се почувствуваа згрозени од глупата „секс“ приказна на Латас (стварно бе Павловиќу, кого занимаат сексуални приказни од матор човек, ако тоа не е биографија на Френк Синатра или Хју Хефнер?) како и од церењето на домаќинот (дечкото ни Доли Бел на Кустурица го нема гледано, толку за него). 

Нам ни е поинтересно каква мрежа од познати ликови се беше „разбудила“ по овој повод. Меѓу нив дури и блаженоупокоениот Хелсиншки комитет кој толку долго се нема произнесено по толку битни теми што луѓе се чудат како пасвордот од Фејсбук си го немаат заборавено.

Притоа, многу често се наведуваат скрин-шотови од пара-медиуми околу кои едно пристојно општество (какво што не сме, но за какво се залагаат огорчените од Латас), би требало да изгради санитарен кордон, за да не смрдат наоколу. Не, овие разбудениве мртви-ладни ја шират реата од такви.

Во случајов Народен глас кој го води извесен Рубин Иваноски, ваљда од Прилеп. За оние кои не се запознати со ќенефот на македонскиот медиумски простор, Народен глас е дел од триптихот дно-дна, заедно со Доказ и Мактел. Оној од Доказ е во притвор, на кутар Саше некогаш му ги собиравме срамотилаците (види „Да имаше кичма, ќе си ја искршеше“), сега само му посакуваме уште долго да го има, за секојдневно да гледаат неговите некогашни фанови какво гмизење е тоа од дечкото кој им ветуваше дека на секоја власт ќе ѝ дише во врат.

Народен глас не само што се цитира со скриншотови од негови наслови како овој:

Туку се пренесува и стенограм од тој Рубин Иваноски (фатен една минута откако го објавил, па тоа Ник Кејв нема такви фанови!), за оние кои се гаделе да ја гледаат епизодата. Стварно, зошто да веруваш на свои очи, уши и мозок кога може некој како Рубин да ти помогне?

*************

Ај сега да видиме што има Народен глас објавено на тема жени (кои се нечии мајки, сестри, ќерки...)

************

*************

***************

****************

************

**************

Нечии мајки, ќерки, сестри.... ви текнува?

Добро, но каму наша недвосмислена осуда на Латас, ќе прашаат најправдољубивите. Ќе ја видите веднаш под вашите сменети профилни слики на кои барем една недела ќе пишува:

* JeSuisAchkovska

* И јас сум Ивона Талевска

* Новинарка, тоест посерла

* Калаштура, куртизана и горда на тоа

* И јас сакам во уста перфидна

Или нешто слично, по сопствен, штотуку „разбуден“ избор.

Имаме дил?

Патем, пред неколку години, Ганка на Твитер залепи скриншот од Доказ, некој наслов кој во тој момент политички ѝ звучел опортуно и корисно. Ѝ го пишавме истото она од погоре, за санитарниот кордон околу токсичните медиуми...

До ден денес ова е е нејзината реакција:

Затоа, драги наши читатели и за офф подраги читателки, Џони Штулиќ викаше „Немам ни с ким, ни против кога“.

********

За крај,  да се разведриме со еден од преку 500 коментари на Фејсбук пост за Латас:

 

20 февруари 2023 - 09:58