„Во книгава ги имам сумирано начините на кои можете да си го средите просторот, така за тоа да ви го смени животот засекогаш", вели Мари Кондо уште во првата реченица на нејзиниот популарен манифест, „Магија на раскревањето: јапонската уметност на организирање". Иако е објавена на англиски во октомври минатата година, таа се уште одлично се продава, а кога пребарувате на Гугл што и да е под „средување на просторот" првите резултати на листата се поврзани со тн. „метод на Кондо". Неговиот основен принцип е прилично едноставен и се состои во следново: чување само на оние предмети кои „носат радост".
Но ова не е само некаква метафизика на однос кон предметите, туку и сосема практичен прирачник за тоа како да се складира она што се поседува на начин кој е пристапен и потежок за „правење лом". Првиот чекор во средувањето според Кондо е - отарасување од предмети. Ова има врска и со физичкиот дел од работата (м'кнење до контејнер, носење на отпад, продавање и сл.), но и со психологијата, особено на оние луѓе кои имаат проблем со фрлање нешта.
Кондо вели дека тука се работи за стресот околу донесувањето одлуки, кој ја заматува рационалната одлука околу „ова ми треба, ова не", и во предметите бара некаква безбедност и утеха. На овој начин таа се допира и до темите на бихејвиоралната економија, користејќи концепти од оваа дисциплина. Таква е на пример заблудата на „потонат трошок" (sunk-cost fallacy) која се однесува на трошоци (во време или пари) кои веќе се случиле и не можат да се повратат. Инвестицијата е направена, и тоа ги прави луѓето ирационални бидејќи изгледа нелогично (па дури и срамно) да не се искористи нешто во коешто се вложени средства. Така тие го игнорираат аспектот на (бес)корисност, и се држат до предметот, иако можат да го подарат, продадат или просто фрлат. Советот на Кондо: менталната и физичката мака на складирање предмет што не го користите е поголема отколку маката да го фрлите.
Методот се повикува и на други економски концепти, но ги применува така за да служат на неговата цел - средување на непосредната животна околина. Таков е оној на пристрасноста кон статус-кво (status-quo bias) кој вели дека повеќето од предметите ги чувате затоа што не можете да смислите добра причина за да се отарасите од нив. Кондо ја свртува тезата на глава - за неа, секој предмет треба да биде фрлен ако немаш доволно добра причина зошто тој би останал. Така селекцијата одеднаш станува полесна.
Но настрана од економијата, има уште неколку финти за ефикасно расчистување, кои повеќе имаат врска со емоција и концентрација. Секој ваков проект треба да се врши без да биде присутно семејството (кое може да врши притисок за овој или оној предмет), во тишина, без музика или звуци од телевизорот. Додуша и без да ја читаме оваа книга, и без да ракуваме со економски термини, би можеле да напишеме добар дел од неа - како што направивме во „Есејот за селењето".