
пишува: Илија Дуковски
Во Њујорк одиме кога имаме гости, да ги прошетаме, или по работа. Ни помина времето кога ни беше интересно да се мотаме околу Тајм Сквер. И не само одење во во Њујорк, дури и до центарот на Бостон, градот кој сега ни е дома, сè поретко имаме причина да се запатиме натаму. Наместо кул нови места за интересно, јас и жена ми Данијела размислуваме каде би живееле на пензија. Си се наоѓам себеси со планови каков ќе ни биде станот каде што ќе старееме (на приземје или барем со лифт, нема качување по скали на стари години). Размислувам, каде би живеел? Купувам винили од 80-тите, да си ја хранам носталгијата. Нормално, како ќе се било Македонец без жалта за младоста?
Е, таква една носталгија ме сецна кога најдов дека Гленгери Глен Рос оди на Бродвеј, во театарот Палас. Името ми е познато од истоимениот филм кој е снимен 1992 година, според претставата за која авторот Дејвид Мaмет доби Пулицерова награда. Филмот го гледав во 90-тите, на студии во киното на Студентскиот град на Нов Белград. Иако со фантастична екипа (Ал Пачино, Алек Болдвин, Кевин Спејси, Ед Харис, Алан Аркин, Џонатан Прајс, и неверојатно добриот Џек Лемон), не беше гледан, изгуби пари, но имаше фантастични критики. Филмот беше навистина добар. Ако се сеќавам добро, на студентите им беше донесен заради Фест, филмскиот фестивал кој во тоа време успеваше да ја преживува пропаста на Југославија и умирањето на Белград како метропола. Помеѓу вестите за војната која тогаш веќе мораше да се случи, и играњето миженка со бубашвабите во собите по Студењакот (како си го нарекувавме студентскиот дом), успевавме да видиме по некој филм, концерт.
Приказната е жестока. Група трговци со недвижнини се на раб на отпуштање заради слабите резултати. Добиваат упатства од централната канцеларија, и список со нови, „свежи” потенцијални купци. Со списокот на „тазе жртви“ ќе им биде полесно да продадат парцели на Гленгери ридовите и Глен Рос фармите. Но списокот се чува во канцеларијата на шефот (во филмот го толкува Кевин Спејси), и не им се дава на вработените. Групата најпрво мора да се натпреварува. Оној кој ќе продаде највеќе, со старите списоци на веќе контактирани и „излитени” муштерии, ќе добие дел од новиот свеж списокот и бонус автомобил Кадилак. Оној кој ќе продаде најмалку, ќе биде отпуштен. Со новиот список, секако ќе биде полесно на тазе муштериите да им се продаде она што не им треба, безвредни парцели во некоја пустелија. Така започнува психолошката кланица во групата.
Во новата поставка на Бродвеј, трите ѕвезди се Киран Калкин, го знаеме од серијата „Сксешн“, а доби и Оскар за улогата во филмот „Вистинска болка“ (A Real Pain); Бил Бур, стендап комичар кој ни е домашен во Бостон, а сме го гледале на преполн стадион (верувам уште омилен во Оффнет и околината) и Боб Оденкирк, познат по улогата на Соул од Breaking Вad и Better call Saul. Плус, тука е и актерот кој го глумеше братот на Соул, Мајкл МекКин. Иако не успеав да ѝ доловам на жена ми Данијела што интересно има во приказна за недвижнини, екипата ѝ звучеше премногу добро за да се пропушти.
Турнејата ни беше сѐ нешто иновативна. Наместо вообичаеното возење со кола, овој пат патувавме со воз. Вечеравме турли тава со јагнешко во Турски ресторан, наместо њујоршка пица (кај Џо, онаа од филмот Спајдермен, најдобра на светот ако го прашате син ми), најчесто диктирана од дечурлијата кои овој пат беа отсутни. Во нивно отсуство, го посетивме и музејот Тенанмент , наместо да талкаме низ продавниците за патики и лего фигури. По пат кон театарот поминавме покрај Тајм Сквер, и се изначудиме како сме можеле во минатото да демнеме таму со саати, во гунгула која веќе не личи на ништо.
Во првиот чин на претставата, ликот на Бил Бур (Ед Харис во филмот), се обидува да го убеди колегата (Мајкл МекКин, Алан Аркин во филмот) да го украдат списокот со муштерии и да го продадат на конкурентска фирма. Конкурентите ќе ги вработат, и така ќе се ратосаат од булшитот во кој се до гуша. Бил Бур е извонреден. Во тирада како само тој знае да приреди, и која не е далеку од неговиот стендап, успеа да ја изнасмее публиката. Ја доведе до совршенство умешноста на авторот низ текст да ја долови несмасноста на двајца кои се на пат кон завера. Не дека сакаат да крадат, ама во безизлез, моралниот пад им е неизбежен.
Во вториот дел, Кирал Калкин (Ал Пачино во филмот) го гледаме како муабети со странец во ресторан. Брак, работа, живот, вообичаен муабет на мажи по кафани после работа. Универзален муабет со кој и потполни странци умеат да си најдат другарување. Тоа ти е животот. Од дома на работа, од работа на дома. До пензија. И после? Каде? Има ли излез? Има ли начин да заборавиш на сѐ, да продадеш и куќа и кола и да одиш далеку, да си купиш парче земја каде ќе бидеш среќен? Парче земја како, на пример, Гленгери Глен Рос.
Во следниот чин странецот од ресторанот сега веќе му е муштерија на Киран Калкин. Доаѓа кај него во канцеларија да му каже дека жена му мрчи заради намерата да купи плац. Но младиот трговец е махер, занаетот го научил од мајсторот, ликот на Боб Оденкрк (Џек Лемон во филмот). Заборави на плацот, му вели на муштеријата, одиме на ручек да муабетиме. Тука некаде дознаваме дека список кој им виси над глава на сите е украден.
Сега, претставата ја понесува мајсторот, Боб Оденкирк. Со феноменално толкување на ликот, Боб успева да ни го долови пеколот во кој живеат овие луѓе. Трговец пред пензија, ментор и учител на младите, прегазен од времето, успева на стар брачен пар да им ја земе пензијата и да им продаде ветар. Но тука не е дното. Во оваа жестока критика на капитализмот, Мамет не ни дава насока каде да го бараме излезот, само правец кон бездната. Иако на прв поглед причината за моралниот пад на оваа група на луѓе е во „централата” која го наметнува одвратниот натпревар, со време станува јасно дека самите жртви, муштериите, се тие без кои играта не би постоела. Ни тие не се невини.
На враќање кон хотелот вечерта си ја резимираме претставата со Данијела. Боб беше најдобар, Бил фантастичен како и обично, Киран е ОК, ама млад е. Има уште да учи, иако е единствен со Оскар меѓу нив. Ваков муабет немаме правено, не памтам од кога. Разговорот ни се враќа на претставата, од време на време скоро цел следен ден. И Њујорк добар да ти бил. Не е оној од времето кога бевме студенти без кинта.
Дури и назад дома, седнати на софа, повторно низ руминации каде да се скрасиме за на пензија, Данијела, ничим изазвана, ме праша - Би живеел ли во Њујорк?
Би живеел.
Претходни репортажи од Илија:
Голема изложба посветена на Леонард Коен во Торонто
Концерт на Дејвид Брн во Бостон