Од наш човек на теренот: репортажа за концертот на Дејвид Брн во Бостон

Тргнавме да пишуваме од трета рака за концертот на Брн во Бостон кога ни текна - па Илија беше таму! Не требаше многу убедување, да ни раскаже како си поминал.

За новиот албум на Брн, „Американска утопија“, прв негов соло проект по 14 години, пишувавме кога излезе првиот сингл од него. Во март Брн тргна на промотивна турнеја, дизајнирана малку понеобично од традиционалното рок шоу, која е во тек.

За тоа како изгледа сето тоа, и кои се пораките кои ги испраќа Брн со ваквиот настап, читавме во осврт на неговиот концерт одржан на 1 август во Бостон, објавен во Атлантик. Но кога сфативме дека наш човек бил, и тоа баш на истиот концерт, наместо да пренесуваме впечатоци на таму-си-некој-американски-критичар, го замоливме тој да напише неколку реченици за своето искуство. И еве, не неколку реченици, туку супер репортажа за концертот на Дејвид Брн во Блу Хилс Бенк Павиљон на 1 август. Сосе барање паркинг, сосе „трева“, сосе сè! Среќни сме што имаме наши и вистински луѓе на терен...

***

Не ми се оди на концерти на музичари кои ги слушав како дете. Некако ми седат усилено носталгични, со нов материјал кој само пречи додека чекаме да си ги слушнеме “старите ствари.” Таква, негативна, му беше и реакцијата на “Панкерот,” другар ми со кого пораснавме во Тетово, кога му кажав дека ќе одам на концерт на Дејвид Брн во Бостон. Бев скришно разочаран од него, очекував да ме охрабри во одлуката, бидејќи токму тој прв донесе касета со Токинг Хедс и Брн од патување (со ранче) по Амстердами и Лондони, таму некаде во раните 80ти. (Сите очекувавме дека нема да се врати, барем не цел; се врати, со куп касети). На едната страна мислам дека беше Римејн Ин Лајт, на другата проектот со комплицирано име “Мојот живот во шумата на духови.” Се сеќавам како успеав да убедам еден постар, кого го познавав од гимназијата, да ми ја пресними (имаше дупли дек касетофон). Се сеќавам на коментарите, “Чудна музика, ама Токинг Хедс ги слушаат у Београд.”

Детски времиња.

Елем, концертот, закажан за крајот на јули, уште во март беше скоро распродаден, па по карта дадов добри 150 долари. Во моментот кога на моите им ја соопштив радосната вест, ми стана јасно дека всушност никој по дома кај мене не ни чул за Токинг Хедс и Дејвид Брн, (ОК, 17 годишниот ја препозна Психо Килер од некој филм), и дека ќе нема многу тепање за тоа кој ќе оди на концертот. Мојата сопатничка, иако не премногу воодушевена ни со цената, а ни со изборот, сепак се пријави доброволно. Децата ни да чујат.

Вовед во секое излегување во Бостон е ритуалот на барање евтин паркинг. Овој пат завршивме на рибарските докови во јужниот дел на градот. До неодамна пристаниште со гнасна вода, сомнителни типови и мирис на не-баш-свежо-уловена риба, јужниот дел на Бостон полека почнува да заличува на приморско место со концерти на отворено и мириси на пиво и пржена морска храна. Во редот за влез, приметивме дека сме едни од помладите, а гураме накај 50. За разлика од типичните концерти во Бостон, со помлада публика, тука мирисот на канабис, приватно легален, јавно толериран, почна да преовладува над мирисите на тартар сос, школки и останати рибни мезетлуци. Штом стана легален, канабисот на копиљите изгледа им стана досаден или банален. Не на оваа публика.

Дваесетина минути после воведот на Бенџамин Клементајн (одличен, но не за отворен простор), на сцената не се случуваше скоро ништо. Го немаше вообичаеното трчкарање по бината и разместување на тапани, клавијатури... Беа присутни само светлoсни завеси (некој вид осветленa монистра) кои формираа потполно празен простор во облик на коцка. Брн, кој на почетокот на кариерата, сценското осветлување го користеше така што го палеше на почетокот, а го гаснешe на крајот на концертот, успеа да создаде сцена само со светлина.

Концерот го започна со “Тука”, музичка лекција по анатомија на човечкиот мозок. Како добар професор, смирено, со модел на мозок во рака, успеа да оствари “eye contact” со целиот “клас”. Од овој наставник нема бегање во последна клупа. Лекцијата, ми се чини, имаше многу едноставен и прецизен заклучок за “времињата во кои живееме.” Ова е мозок, и треба да се користи. Турнејата и албумот “Американска утопија” всушност одат заедно со серија на лекции на Брн, “Причини да се биде весел”, во кои се обидува да ја убеди публиката дека нема потреба да се очајува заради “состојбата на светот” во “овие времиња.” Напротив.

Друга впечатлива песна од новиот материја е “Сите доаѓаат кај мене дома (и нема никогаш да сум сам).” И тука одговорот на Брн, контра уплавот кој се шири деновиве дека овие или оние ќе не преплават, е недвосмилен, прецизен и едноставен. Бујрум.

На старите песни танцувавме. Бендот не беше стандардно статичен, туку секој музичар се движеше и танцуваше низ целата сцена со инструмент пред или до себе. Динамиката и движењето на моменти беа толку жестоки, а звукот поинаков, на моменти подобар, од студиски, почнав да се прашувам каде ли се кријат останатите музичари. Одговорот дојде од Дејвид: секој еден звук кој го слушаме доаѓа од инструментите кои во моментот се на сцената. Поштовање, нема што.

Публиката, онака во облак од марихуана, потполно се зеде. До мене танцуваше жена од 50 и кусур, која се наѓаше во некои високи сфери, а чиј танц со ширум отворени раце го протолкував како обид да ми брцне прст во нос. Пред мене, “дечко” чија коса одамна се има поздравено со него, примети дека ги пеам некои од текстовите, се сврте кон мене со предлог за дует кој го заврши со солзи во очите и “ти се верува ли колку е добро ова?” Не дека јас бев нешто подобар, во еден момент се приметив дека на сопатничката во полу-транс и го објаснувам ликот и делото на Брајан Ино. А и таа се подизгуби малце, ми вика: “Штета децата што не се овде, ќе им се допаднеше ова.” Ееее...

Деновиве по дома го слушаме Брн, новиот материјал во главно. На дечиштата огромното палто од пред 34 години не им значи многу, сакаат нови работи. “Панкерот” го убедив дека вреди да се види. Ми вика купил карта за концерт во Торонто за 30 долари. Заради храброста веројатно, среќата отсекогаш го следела. Јас 30 долари го платив само паркингот.

Илија Дуковски, наш човек во Бостон

Претходно: Репортажа од концет на У2 во Вашингтон

7 август 2018 - 09:41