Од нашите во светот

Репортажа од концерт на У2 во Вашингтон

Наш човек кој бил присутен на неодамнешниот концерт на У2 во САД, во рамки на турнејата Experience+Innocence, ни ги испрати своите впечатоци, и споредба - како го доживеал бендот во живо пред четврт век, а како денес, со сиот технолошки напредок што тоа го подразбира. 

Како може нешто да се каже дека е „интимно", кога е споделено со десетици илјадници луѓе? Или поточно, на 18 јуни 2018 година, во понеделникот навечер со почеток во 20 часот по локално време, во арената Capital One во главниот град на САД, Вашингтон, на втората по ред ноќ на концерти, У2 собра точно 18.203 посетители! (добро, плус-минус уште некој непребројан). Тоа беше еден од многуте концерти на нивната најнова Experience+Innocence 2018 турнеја, која според зборовите на Боно, се родила на плажите во Јужна Франција, кога членовите на бендот биле на одмор, заедно со своите фамилии, и повторно некоја искра или желба за споделување на нова енергија, ново искуство (experience) или испитување на невиноста (innocence) кое сакале да го споделат. 

Првиот пат кога ги гледав У2 беше во Торонто, Канада, во далечната 1992 година кога го издадоа својот Achtung Baby албум. Тогаш Боно и дружината извади на сцена двe трабанта (трабант, за тие што не знаат е источно-германско произведено возило во кое на секое полнење на бензин се дотура и уље за подмачкување), и главна политичка порака на тие концерти, Боно со тогашен бежичен телефон се јавуваше во Белата куќа на тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш постариот, за да негодува за американската интервенција во Ирак. Таа турнеја беше насловена како Zoo TV или Zooropa и набргу после драматичните настани во Европа во доцните 80ти и рани 90ти, ја нарекоа турнеја која го означи падот на железната завеса и комунизмот.

Ако го забрзаме филмот четвртина век, и уште толку турнеи кои ги гледав по Европа, доаѓаме до вечерашниов концерт. У2 изведуваат концерт во главниот град на Америка, денес, во 2018 година во таканаречената „Трампова Америка“, со многу политички и личен набој. Боно е многу возбуден, тоа му се чуствува во гласот. Плус, ако во 90ти години ставиле летечки трабанти и се јавувале на телефон, каква ли треба да биде сцената денес? 

Таа е во облик на буквата Т, каде во најдолгиот дел има двостран екран на кој со неверојатна технологија, сценографија и ефекти се претставени поентите на песните, се сублимирани движењата на бедот и се вкомпонирани сите ново-постоечки технологии на интерактивност. Купената карта за концертот те задолжува да се симне апликација за мобилен телефон, при што екранот, гледан преку мобилниот телефон, дава сосема друга претстава. Најпрвин, од него тече вода и како водопад се прелева врз публиката, потоа, секоја песна и секоја кореографија е надополнета со сцени кои ја покажуваат американската реалност. Со оваа виртуелна апликација, У2 како да сакаат да се доближат до новите милениумски обожаватели, кои целата реалност ја гледаат преку својот мобилен телефон. Највпечатливо од сите претставува рецитирањето на Боно на песната "Sympathy for the Devil" од Rolling Stones, каде преку "Augmented Reality" апликација неговото лице е претставено како Ѓавол, со цилиндер шапка на главата и на целиот екран е претставен како најголемиот забавувач на светот.

Дали сте импресионирани? Дали сте задоволни, дали е ова тоа што го баравте, не прашува Боно? Дали е ова местото и времето во кое сакате да живеете? Дали е ова земјата на која и се поклонувам и земјата која згрижи толку многу мои сонародници Ирци, на која искрено ѝ благодарам, вели Боно.

Концертот е поделен на два дела. Innocence - е првиот дел, кога бендот е на едниот дел од сцената и кога Боно пред секоја песна раскажува случки од своето детсво, од својата фамилија, за својата мајка, за својата населба во која израснал, од Ирска и Ирските карактеристики и обичаи. Тоа е искрена исповест во која Боно ја истура својата личност преку песна, преку наратив и поддржано од технологија да дојде во допир до сите геренации присутни на концертот. Тука се изведуваат најновите песни на бендот од Songs of Experience.

Вториот дел од концертот е "Experiеnce" - тој се изведува на друг дел од сцената кој е мал круг, доволен за четирите членови на бендот. И подот на сцената е интерактивен екран кој се менува во зависност од песната и перформансот. Тука Боно ги претставува членовите на бендот, со многу емоции и кратки стории малку познати помеѓу нив. The Edge е претставен како гитарист кои ги поместил границите, Адам е човекот кој носи бело tuxeedo најдобро на свет, подобро и од агентот 007, а тапанарот Лари е во елемент, кој ги менува своите удирачки инструменти од целосни тапани, преку конга, до она мало барабанче како на парадите. Тука Боно ги поставува прашањата, дали е подобро да си искусен и да знаеш што сакаш, или да се наивен или невин и да ги восприемаш работите со отворено срце. Во овој дел од концертот се изведуваат постари песни, пред се од албумите Achtung Baby / War / Boy и Rattle and Hum.

Нормално, концертот не поминува без допонителни политички пораки. Сепак ова е главниот град и специјалното сценарио покажува сцени од демонстрации, од маршови за политички права, од маршови против фашизмот, за слобода на говорот, за слобода, за сексуални права, итн. Боно ги испитува сите вредности и со мегафон во рацете, на сцената отворено повикува сите да пеат заедно и да бидат како едно. 

Како никогаш до сега, Боно раскажува и зборува помеѓу песните. Ова е една од неговите најискрени изведби. Звукот е перфектен, има 360 степени звучен ефект каде без разлика на позицијата, се е совршено. Како бис, У2 се враќаат со повторно инспиративен говор и ги исполнуваат легендарните "One" и "13 - There is a light" укажувајќи дека сеуште има светлина во овој бенд кој веќе со децении поставува нови стандарди и ја подига границата на обично музичко шоу.

Ѓоко, наш човек од Америка

27 јуни 2018 - 15:14